Германија до 2025 година ќе издвои 135 милијарди евра за мерки за поддршка, пресмета економскиот институт Ифо, нагласувајќи дека износот не ги вклучува трошоците за ограничување на цените на струјата и гасот.
До крајот на годината, Владата од буџетот за мерки за помош ќе издвои 33,3 милијарди евра, 49 милијарди во 2023 и 52,2 милијарди во 2024 година, утврдија аналитичарите од германскиот институт.
Вкупниот износ од 135 милијарди евра одговора на 3,8 отсто од БДП на Германија, а не ги вклучува трошоците за ограничување на цените на струјата и гасот бидејќи тоа сè уште не е усвоено од Бундестагот, појасни даночниот експерт на Ифо, Макс Леј.
Трошокот на таа мерка сè уште е непознат, но, се проценува дека сумата ќе ја зголеми за 90 милијарди евра.
Според Леј, годинава најголема ставка е енергетскиот додаток за работници, во нето износ од 10,4 милијарди евра.
– Следуваат шестте милијарди евра енергетски додаток за пензионерите, па 3,1 милијарди евра за привремено намалување на таксите за енергија, потоа 2,7 милијарди евра за зголемување на неоданочената основица и 2,5 милијарди евра за месечна карта за јавен превоз од девет евра, додаде Леј.
Во 2023 и 2024 година најзначајна ставка би требало да биде ублажувањето на даночната прогресија, што од буџетот треба да однесе 12 , односно 27 милијарди евра, пресметаа во Ифо.