Германија би претрпела сериозна економска штета доколку ја напушти Европската унија, оценуваат експерти од германскиот економски институт IW во студијата што ја виде dpa.
Излегувањето од ЕУ, оценуваат економистите во анализата, „намерно би било поттик за опасна економска криза и траен удар за благосостојбата на луѓето во Германија“.
Германската крајнодесничарска партија Алтернатива за Германија (AfD) сака делумно да ја ревидира европската интеграција и ЕУ да биде само економска интересна група на лабаво поврзани суверени држави, пишува dpa.
Експертите од Институтот IW, со седиште во Келн, процениле дека во периодот од пет години по излегувањето на Германија од Унијата, може да се очекува пад на БДП од 5,6 отсто или околу 690 милијарди евра.
Во петтата година од тој период би биле изгубени околу 2,5 милиони работни места. Тоа е приближно споредливо со загубите на Германија поради пандемијата и зголемувањето на цените на енергијата по руската агресија врз Украина.
Броевите на IW се засноваат на модел изграден на минатите сценарија.
Научниците анализираа и што би се случило доколку Германија ја напушти ЕУ во исто време со Велика Британија. Британските гласачи на референдум во 2016 година одлучија нивната земја да ја напушти ЕУ, а таа одлука за таканаречениот Брегзит стапи на сила во 2020 година.
За своето истражување, експертите на IW прво ги анализираа економските ефекти на Брегзит врз Британија од референдумот до 2021 година. Потоа тие ефекти ги мапираа во Германија, земајќи ги предвид разликите меѓу двете земји.
Тие оценија дека негативните последици од евентуалното германско излегување од ЕУ веројатно ќе бидат уште поголеми, со оглед на поблиските врски на Германија со земјите од ЕУ и користењето на еврото како заедничка валута.