Партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, според излезната анкета на Галуп Интернешнл, освоила 26,7% од резултатите на денешните избори во Бугарија.
Според информациите, коалицијата „Продолжуваме со промените/Демократска Бугарија“ (ПП/ДБ) на Кирил Петков и Христо Иванов има 15,5 отсто од гласовите додека Движењето за права и слободи (ДПС), предводено од Делјан Пеевски има 15,1%. А пак „Преродба“ освоила 14,7%, БСП – 9,8%, а „Има таков народ“ – 6,4%.
Одѕивот на гласачите бил 26,4%.
Никој не постигнува успех без да ја признае помошта од другите. Со благодарност самоуверено ја признаваме оваа помош, порача лидерот на ГЕРБ-СДС Бојко Борисов по објавувањето на првите изборни резултати од излезните анкети.
„Ви благодариме на сите што нè поддржавте“, напиша и Борисов на социјалните мрежи.
Бугарите денеска паралелно гласаат и за свои претставници во Европскиот парламент.