Двете партии со најголем број пратеници во бугарскиот парламент – ГЕРБ на Бојко Борисов и Продолжуваме со промената на Кирил Петков и Асен Василев во вторник седнуваат на преговарачка маса.
Средбата која ќе се одржи во Народното собрание се најавува како експертска. Борисов нема да присуствува, а неговата ГЕРБ ќе ја претставуваат Десислава Атанасова, Кирил Ананиев, Деница Сачева и Дељан Добрев. Во името на ПП, пак, покрај експерти, ќе присуствуваат и копретседателите Петков и Василев.
Шансите за формирање влада, но со третиот мандат што би го дал претседателот Румен Радев, лидерот на ГЕРБ ги оцени како 100-отстотни. Според Борисов, изминатата недела покажала дека Бугарија има силен парламент, во кој се собираат доволно големи мнозинства за да се гласаат политики клучни за земјата.
-Како ќе се конфигурира владата? Дали со прв, втор или поверојатно со трет мандат. Тука мора да биде вклучен и претседателот. Како што повика Христо Иванов да се свика Консултативниот совет за национална безбедност. Третиот мандат треба да оди таму каде што ќе има влада и тоа треба да го кажат партиите кај претседателот – изјави Борисов.
Од Продолжување на промената потврдија дека ќе присуствуваат, но потенцираа дека ова не е средба за поддршка на првиот мандат.
-Од самиот почеток на Народното собрание кажавме дека ќе работиме на спроведување на политиките што им ги ветивме на граѓаните – изјави Искрен Арабаџиев од ПП.