По повод 60 години од разорниот земјотрес во 1963 година Општина Центар организира изложба на фотографии и видео проекција од најпогодените локации и објекти но и нивниот нов лик и возобнова по земјотресот. Изложбата е отворена во КСП –Јадро каде градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски одржа пригоден говор порачувајќи дека земјотресот од 1963 година претставува длабока лузна која не треба да се заборави ниту да се дозволи да се повтори.
„5 часот и 17 минути, 26 јули 1963 година време и датум кои се врежани како голема лузна на ткивото на нашата општина и град. Природна катастрофа, која посакуваме никогаш да не се повтори, но поради која, работиме напорно во запазување на високите стандарди за безбедни градби. Зашто само така се штити и се сака Центар и Скопје“, изјави Герасимовски.
Притоа Герасимовски ги повика граѓаните да ја посетат изложбата и во следните седум дена напоменувајќи дека општината ја реализира во чест на жртвите од земјотресот и обновата на општината.
„Изложбата е концепирана како мултимедијален настан на кој ќе можете да видиме историски фотографии од неколку периоди од развитокот на Скопје со акцент на територијата на Општина Центар, документарен филм за нашето Скопје, макети од централното градско подрачје, албуми со приватни фотографии и друга меморибилија. Ќе можете да го видите предземјотресен Центар, катаклизмичниот постземјотресен Центар, но и обновениот Центар“, порача Герасимовски.