Герасимовски замина од Судски совет со бакнеж за Мери Радевска

by fokus

Судијата Зоран Герасимовски чија оставка денеска ја констатираа членовите на Судскиот совет заедно со оставката на судијката, Мирјана Радевска Стефкова си замина од Судскиот совет со пријателски бакнеж за судијката и член на Советот, Мери Радевска.

Радевска е судијката од Битола и избрана била за член на Судскиот совет во 2020 година од редот на судиите од апелационото подрачје Битола. Работела во битолскиот затвор, за судија била избрана во 1996 година како кривичен судија во Основен суд Битола.

Герасимовски е член во Судскиот совет од пред половина година, претходно бил судија во тетовскиот суд, а во 2017 година е избран за судија во Апелациониот суд.

Денеска Герасимовски и Мери Радевска – Стефкова си заминаа од Судскиот совет откако им беа констатирани оставките.

Врховната судијка, Радевска-Стефкова образложи дека во определени моменти на разидување во однос на заземените ставови на оваа институција.

Како пример ги издвои одбивањето на Судскиот Совет да ги достави списите до Врховниот суд како и првите постапки кои што беа водени од страна на Судскиот совет во однос на избор на судии во повисок суд.

-Потоа следуваше седницата во април кога дојде до разрешување на претседателот кое според мене е незаконито. Мене ми пречеше што таа одлука е дадена без образложение, затоа што сметам дека Судскиот совет сите свои одлуки треба да ги образложи, рече таа.

За крај, ги издвои состојбите со меѓучовечките односи, кои, според неа, се нарушени и тоа претставува пречка за нормално функционирање.

Апелацискиот судија Зоран Герасимовски истакна дека во Советот дошол со определена идеологија, но, како што рече, наишол на идеолошки несогласувања со дел од Советот.

– Имајќи ги предвид последните превирања, сметам дека треба да си поднесам оставка од проста причина што сметам дека поголем придонес ќе дадам како судија во Апелацискиот суд во време кога сите судови се пренатрупани со предмети, отколку како член на Судскиот совет, дополни тој.

Поврзани новости