Герасимовски за „Фокус“ анализира: Пописот не открива колку луѓе се иселиле од земјава

Бројот на населението е намалено во повеќе од 50 отсто од општините, особено во источниот, вардарскиот, пелагонискиот и југозападниот регион, вели Герасимовски за „Фокус“

by fokus

Бројот на населението во земјава е намалено според влијанието на наталитетот и морталитетот, а најголемо влијание има иселувањето во други земји, анализира за „Фокус“ поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски по објавените резултати од пописот.

Според неговите пресметки, бројот на населението е намалено во повеќе од 50 отсто од општините, особено во источниот, вардарскиот, пелагонискиот и југозападниот регион, но сепак тој констатира дека оваа статистичка операција не открива колку луѓе се иселиле од земјава.

-За населението кое е иселено од земјава во друга земја немаме податоци кои го регистрира, а со тоа не се знае нивниот број. Од тие причини не може да се каже колку лица се иселиле од земјава.

 

Во однос на дијаспората треба да знае дека тоа не е попис во права смисла на зборот, туку тоа е самопопишување. Значи кој слушнал, разбрал, сакал итн., да се самопопише. Од тие причини не сакам да ги коментирам тие состојби, вели Герасимовски за „Фокус“.

Тој објаснува дека непопишаните лица, околу 132 илјади се најдени во базите на податоци кои се земени од државни институции и се вклучени во резидентното население кое е присутно во земјата согласно препораките на ОН, со вкрстување на податоците.

Токму овие лица, попишувачите не успеаа да ги регистрираат и да се види каква е нивната етничка и верска припадност.

Сепак пописот покажа дека има намалување на бројот на населението.

– Ако се направи споредба со последниот попис, имаме 185.834 жители помалку и тоа е забележливо кај сите етнички заедници, вели актуелниот директор на ДЗС, Апостол Симовски.

Со Пописот се попишани вкупно 2.097.319 лица, од кои 1.836.713 се резидентно население, а 260.606 лица се нерезидентно население.

Податоците покажуваат дека од вкупно попишаните лица 54,25 отсто се Македонци, 29,52 отсто се Албанци, 3,98 Турци, 1,18 се изјасниле како Срби, 0,87 се Бошњаци, а 0,34 отсто се Власи.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости