„100 милиони евра може се планирани ама тие со сигурност нема да бидат реализирани до крајот на годината“, рече градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски во вчерашното гостување во Телевизија 24. Тој во емисијата 24 анализа зборуваше за 100те милиони евра финансиска помош од министерството за локална самоуправа за реализација на инфраструктурни проекти до крајот на годината. Герасимовски притоа рече дека општините со средствата до крајот на годината не ќе можат да реализираат ниту една фаза од проектите со кои аплицирале на повикот.
„Ние како општина временски до крајот на годината не можеме да реализираме ниедна фаза од двата проекти за кои имаме аплицирано. Еве на пример, ако во ноември почнеме со јавната набавка таа ќе трае повеќе од еден месец. Потоа ледува период на жалби каде многу често се случува да се прифати некоја жалба па да падне јавната набавка па повторно да се спроведе истата. Тоа временски ќе биде сигурно неколку месеци. Еве во декември можеме пак истиот тим да седнеме да ги анализираме сите овие работи кои сега ги говориме и како сето тоа ќе функционира и до каде ќе стигнеме со реализација на самите проекти коишто за кои сега аплицираме“, рече Герасимовски.
Тој кажа дека општината на јавниот повик на Владата објавен во септември годинава Општина Центар аплицирала со два проекти, а тоа е втората фаза за изградба на салата „Работнички“ и втора фаза за хортикултурно и партерно уредување во паркот Капиштец. Герасимовски исто така напомена дека Општина Центар ќе аплицира на секој повик кој нуди финансиска помош за реализација на проекти во општината.
„Како општина и во интерес на граѓаните секогаш ќе гледаме да обезбедиме што повеќе финансиски средства без разлика од која Влада ќе ги добиеме финансиите. Јас како градоначалник ќе гледам да соберам што повеќе финансиски средства за што поголем број на проекти. За следната недела планираме уште поголеми проекти кои ни се ветени и верувам дека истите ќе отпочнеме да ги реализираме“, заврши Герасимовски.