Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, во изјава за Канал 5 телевизија потенцира дека со општокорисна работа ќе се подигне свеста на многу повисоко ниво кај младите и родителите за девијантните однесувања како вандализам да не се повторуваат.
„Нашиот предлог е преку општествено одговорна работа да ги вметнеме младите коишто имаат вакви девијантни однесувања, заедно и со родителите да ја подигнеме свеста на многу повисоко ниво кај младите, за сите заедно што повеќе се грижиме за јавното добро и да не се повторуваат вакви несакани дејанија“, рече Герасимовски.
Иницијативата доаѓа откако во неколку наврати центарци се соочија со вандализам во населбата Капиштец кадешто малолетници обија багер предизвикувајќи штета на паркирано возило, кршеа шишиња, фрлаа петарди, уништуваа разни реквизити, спортски и детски игралишта и се тепаа.
Оваа иницијатива за вршење на општокорисна работа на малолетниците кои вандализираат е прифатена од ЗЕЛС.