Откако се појави механизација во зелен предел на Водно, каде треба да се пробива пристапен пат до земјиште предвидено за нова градба, советничката група на Зелен Хуман Град во Општина Центар реагираше дека треба итно да се запрат сите градежни активности на Водно додека трае судскиот спор „Плацови на Водно“, со кој, според нив, се истражува и преиспитува законитоста па постапките за продажба на земјиштето.
„Шумата на Водно има клучно значење за заштита на Општина Центар од поплави и порои и е круцијална во борбата против загадувањето на воздухот. Бараме да се избегнат и големите трошоци за пробивање на исклучително стрмен пристапен пат до локациите на кои се планира градба, а со тоа и да се заштити правото на приватна сопственост на жителите на кои им се планира одземање на делови од дворовите за пробивање на патот“, истакнуваат од „Шанса за Центар“.
Во однос на тоа, реагираа од Општина Центар предводена од градоначалникот Горан Герасимовски, од каде посочија дека по реакциите на жителите од улицата „Питу Гули“ и околината, за наводен почеток на градежните работи на Водно, Секторот за инспекциски работи на Општина Центар, постапувајќи по допрен глас излезе на терен. Од инспекцискиот надзор, додаваат од таму, утврдено е дека инвеститорот, Маркеза ДООЕЛ добил градежна дозвола на 07.04.2021 година, која станала правосилна на 08.06.2021 година, кога била потпишана од страна на поранешниот градоначалник Саша Богдановиќ.
„По извршениот увид од страна на овластен градежен инспектор, постапувајќи по Законот за инспекции, утврдено е дека инвеститорот, „Маркеза ДООЕЛ“ не врши градежни дејствија, туку се работи за оградување на плацот, кој е во негова приватна сопственост. Општина Центар ќе изврши консултации со засегнатите страни и дополнително ќе се разгледа проблемот и заедно со надлежните институции, Градот Скопје и во соработка со жителите ќе се бара решение за состојбата во овој дел од општината“, велат од Центар.
Инаку, Маркеза е во сопственост на Филип Костиќ, чиј имот на Водно е опкружен со парцели чии сопственици се фирмата „Ексико“, „Кара“, „Манд Интернационал“…Притоа, теренот до неговиот плац е непристапен, со оглед дека се наоѓа во шумата и дотаму нема улица. За да се стигне до локацијата треба да се помине низ мала слепа уличка, а потоа низ шума.