Герасимовски против Котлар во битка за најпрестижната скопска општина

Што велат за Фокус кандидатите за градоначалници на Општина Центар од редовите на коалициите предводени од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ - Горан Герасимовски и Наташа Котлар?

by Фокус

Општина Центар важи за најпрестижна скопска општина и исходот има особен импакт на секои локални избори. Традиционално, оваа општина важи за поблиска до левицата, што впрочем го потврдувале резултатите на досегашните избори, иако, за волја на вистината, се случувале и изненадувања. Она што е интересно, најголемата коалиција предводена од владејачката СДСМ ќе настапи со нов кандидат, додека најголемата опозициска партија – ВМРО-ДПМНЕ, не истакна париски кадар, туку застана зад човек од „помал“ коалициски партнер.

Како што е познато, досегашниот градоначалник избран на претходните избори како кадар на СДСМ, Саша Богдановиќ, не доби шанса да трча за уште еден мандат, откако изминативе 4 години се обидуваше да опстои на ставот за забрана на градење, која ја урна Уставниот суд. Имено, внатрепартиската битка во владејачката партија ја доби претседателот на партискиот комитет во Центар Горан Герасимовски, кој „победи“ и две истакнати личности од медицинската фела – Милена Стефановиќ и Ирина Бухова. Како се случи тој да биде избран за кандидат на СДСМ?

Јас веќе 4 години сум претседател на општинската организација на СДСМ во Центар, а со години сум вклучен во сите активности на партијата во општината. Би рекол дека одлично ги познавам состојбите и проблемите во секое маало. Оттука, оваа позиција дојде природно за која јас секако бев заинтересиран, но добив навистина силна поддршка од граѓаните и партијата. Драго ми е што добивам можност да придонесам во општеството и заедницата во која живеам, нешто што отсекогаш сум го правел – вели Герасимовски.

Тој во изминатата година беше директор на Заводот за индустриска сопственост, каде, спроед него, постигнал низа успеси, наведувајќи: од јануари до јуни евидентиран е за 31 отсто зголемен број поднесени барања за заштита на трговски марки, а доставени се за 7,9 отсто повеќе барања за заштита на патенти во споредба со истиот периодот минатата година, интензивна работа на дигитализација, интегрирање на базите со домашни и странски институции, зајакнување на внатрешните капацитети…

КАДАР НА НАЈМЛАДИОТ ПАРТНЕР НА ВМРО-ДПМНЕ

Негов противкандидат ќе биде универзитетската професорка Наташа Котлар, која доаѓа од Институтот за национална историја. Инаку, таа не е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, туку на политичката партија Глас за Македонија на Солза Грчева, која порано беше пратеник на СДСМ но за кратко време излезе од партијата и формираше своја. Во изминатиот период, Глас за Македонија и нејзините претставници ги критикуваа договорите со Грција и Бугарија, и, како што велат, националните отстапки на власта. После последните избори, партијата стана еден од најновите партнери на Христијан Мицкоски.

Глас за Македонија, партијата чиј потпретседател сум од основањето, е опозициска партија со главна цел да се смени актуелната власт, која лошо владее и не води грижа за македонските национални интереси. Ефектите од тоа, сите ги чувствуваме. Но, истовремено владеачките партии прават сè за да останат на власт, злоупотребувајќи ја својата позиција на моќ, пари, институции, но и поддршка од надвор (која се топи, пред сè поради невидената корупција) – вели Котлар.

Во таков контекст, додава таа, поодамна размислувавме за окрупнување на опозицискиот блок, со цел да излеземе од овој ќорсокак кој го уништи достоинството на народот, кој ги распродаде нашите национални интереси, кој нè осиромаши, кој најлошо се справува со пандемијата, кој дели селективна „правда“ , а пак, општините ги направи бироа за вработување на партиски кадри и наместени тендери на свои луѓе.

Во еден ваков амбиент, најлогичен чекор беше зајакнување на опозицијата и нејзино збогатување со нови ликови и идеи. Јас сум благодарна што зад мојата кандидатура застана ВМРО-ДПМНЕ, некои помали опозициски партии, а најмногу се надевам на неопределените гласачи, жители на Центар, кои се длабоко незадоволни од корупцијата во општината, од нерешавање на горливите прашања, од нервозното и неквалитетно живеење. Јас како жител на Центар постојано тоа го чувствувам – истакнува Котлар.

ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА РЕВИЗИЈА НА ДУП-ОВИ

Од една страна, Герасимовски вели дека неговиот сопартиец Богдановиќ презел „храбри чекори во делот на спречување на непланското градење“, со кои, како што вели, успеа да спречи изградба на мегаломански градби наследени од ВМРО-ДПМНЕ, иако, потенцира дека останале и проблеми на кои ќе мора интензивно да се работи во следниот период. Наспроти тоа, Котлар смета дека се уште актуелниот градоначалник на Центар застапувал „божемен мораториум за градење“, бидејќи, според неа, градењето на станови не прекинало.

Бевме сведоци на козеријата со небаре „погрешната“ документација, поради која „не може“ да се суспендира градбата на стотиците станови кај „Холидеј Ин“. Реагираше и Државната комисија за спречување на корупцијата. Според мене, најпогубна работа е да одработувате за интересите на поединци, „инвеститори“, а не за јавниот интерес, во случајот за Центарци. А ним, не им е во интерес градење на огромни облакодери со што ќе се доселат нови илјадници луѓе, со илјадници автомобили. За една ваква пренаселеност, едноставно нема инфраструктура – смета Котлар.

Што двајцата кандидати за градоначалници предвидуваат и планираат во делот на урбанизмот и урбанистичкото планирање доколку бидат избрани на оваа функција? Герасимовски уверува дека во никој случај нема да дозволи злоупотреба и прекумерно градење на штета на граѓаните. Тој истакнува дека инспекциските служби ќе бидат постојано на терен, за да гарантираат почитување на сите законски прописи и норми, со крајна цел обезбедување соодветни услуги за квалитетен живот во секоја населба.

Продолжувме со ревизија на ДУП-овите, затоа што резултатите од носењето нови ДУП-ови се конкретни и видливи. Со само 9 ревизии зачувани се над 14.000 метри квадратни зеленило, детски и спортски игралишта, а овозможена е и изградба на нови градинки. Мој приоритет како градоначалник е да се создадат населби кои ќе понудат услови за квалитетно секојдневие на жителите, притоа земајќи ги превид нивните потреби за образование, социјални услуги, култура, рекреација – вели Герасиновски, најавувајќи во неговиот мандат клучна улога ќе има таканаречено партиципативното стручно тело за урбанизам.

ЦЕЛОСНО НОВ ЛИК НА ДЕБАР МААЛО И ГРАДИНКА ВО МАЏИР МААЛО

Покрај тоа, Герасимовски посочува дека важен приоритет во општината ќе му биде зајакнување на комуналните служби за чиста животна средина и подобрување на хигиената во општината, што, објаснува тој, ќе се постигне преку проширување на дејноста на ПОЦ во комунално претпријатие, како и интензивирање на соработката со Град Скопје и нивните служби. Воедно, тој најавува и ослободување и обновување на зелените површини во центарот на градот.

Дебар маало ќе добие целосно нов лик. Планирани се реконструкции на улици и нивно прилагодување за велопсипедисти и пешаци и два нови паркови – едниот на место на општинските бараки, другите на местото на објектот на ПУИК. Просторот кој го зафаќаат административните објекти на овие две институции значително ќе се намали со изградба на новиобјекти, ќе го уредиме хортикултурно и ќе поставиме урбана опрема, а она што особено ме радува е што ќе го отвориме пристапот до старата учителска школа, која е значаен културен споменик – вели Герасиновски.

Понатаму, додава тој, значително ќе се подобри инфраструктурата, со посебен фокус на вело-патеките, а важен приоритет ќе биде обезбедување доволно и загарантирани паркинг места за центарци. Во однос на образованието, пак, Герасимовски предвидува целосно нови градинки во населбите Пролет и Маџир Маало, како и доградба на училишни простории во ООУ „Коле Неделковски“.

Инвестициите во младите мора да се клучен дел од програмата на секоја локална самоуправа. Имајќи предвид дека Општина Центар е тежишна точка за дејствување на граѓанските организации, општината активно ќе се залага за соработка со овој сектор. За таа цел, предвидуваме искористување на можностите кои ги нуди НВО секторот за неформално образование на младите, како и нивно вклучување во процесите на подготовка на политиките на локално ниво – истакнува тој.

СТОП ЗА БЕТОНИЗАЦИЈАТА И СМАРТ-ОПШТИНА

Котлар, пак, посочува дека еден од клучните столбови во нејзината програма е прекин на бетонирање на Центар, дрворед буквално на секоја улица, создавање хумани можности за пешаците, велосипедистите и хендикепираните лица, паркинг место за секој жител, намалување на возилата според светскиот тренд во развиените земји, експертско урбанистичко паланирање водено од јавниот, а не од поединечниот интерес, вистинска реконструкција на улиците, справување со отпадот со модерни технологии…

За мене капитални инвестиции, не се згради за домување, кои ги има и од повеќе, туку конечно изградба на Дом за дневен престој на деца со посебни потреби со стручна нега, изградба на градинки, Иновативен парк за млади научници, да донесеме зелени инвестиции за вработување на младите кои ни заминуваат, итн. Да ги реновираме постојните станбени објекти со нови енергетско – ефикасни фасади, да ги замениме азбестните кровови, но и да направиме вистинско урбано и културно средиште со уникатни, најмодерни содржини – вели Котлар.

Таа посочува дека ќе го воведат и концептот на Смарт Општина, каде дури и градежните дозволи ќе можат електронски да се добиваат во домот, потенцирајќи дека нема веќе граѓаните да се изложени на поткуп во овој процес. Според неа, социјално-економската определба е исто така присутна, при што општината ќе помага или стимулира разни категории на луѓе и еснафи.

Ги повикувам жителите на Центар убаво да ја проучат програмата, но и да земат активно учество во нејзино надградување. Впрочем институцијата „референдум“ за нивно непосредно изјаснување, ќе ја применувам често при донесување на урбанистичките планови, буџетот на општината и за сите важни прашања. Доста е од натурени решенија! Центар не е само центар на Скопје, туку поради сите државни, јавни и др. институции е и центар на државата. Решена сум да стане пример за модерна, удобна и средена општина – порачува Котлар.

Влатко Стојановски

Поврзани новости