Откако доби поддршка од членовите на Заедница на единиците на локална самоуправа, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, иницијативата за конфискација наместо рушење на дивоградбите сега ќе ја презентира и пред ресорните министри за транспорт и врски и за правда, Благој Бочварски и Кренар Лога.
Иницијативата предвидува дивоградбите наместо да се рушат, како што налага законот, да се конфискуваат и да добијат нова намена за граѓаните на општината.
Герасимовски ќе ги запознае министрите со потребата оваа иницијатива да прерасне во законско решение зашто, како што велат од Општина Центар, таа не е нужна само за оваа, туку за сите општини во државата.
„Герасимовски побара средби со Бочварски и Лога, бидејќи двата закони во кои треба да се интервенира доколку се прифати иницијативата, како предлагачи се јавуваат двете министерства. Станува збор за Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочна постапка за кој како предлагач на законски измени е Министерството за правда и Законот за постапување со бесправно изградени објекти, за кој како предлагач на законски измени е Министерството за транспорт и врски“, велат од Општина Центар.
Според најавите од Општината, Герасимовски уште ќе се сретне со министерот за правда, а в понеделник средба ќе оствари и со министерот за транспорт и врски. Пред два дена, Герасимовски оваа иницијатива ја претстави на седница на ЗЕЛС во Валандово, при што доби поддршка од градоначалниците кои исто како и него, сметаат оти таа е неопходна.