Герасимовски: Ако надлежноста за јавната хигиена ја преземат општините сигурен сум дека ќе имаме почисти населби

by Fokus

„Доколку сите општини ги преземат ингеренциите од градот за одржување на јавната хигиена на булеварите сигурен сум дека градот односно сите општини ќе бидат многу почисти од сега“, смета градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски. Тој во денешното гостување во Слободен Печат истакна дека измешаноста на ингеренциите на општините и главниот град не само што е проблеми за општинските хигиеничари туку и прави лажна слика кај граѓаните кои сакаат чиста околина особено во нивното населено место.

„Секој од дома кога излегува прво во очи му паѓа хигиената. Измешаноста на ингеренциите град, општина каде што градот се грижи преку неговото комунално претпријатие за контејнерите коишто ако не се исчистат во текот на ноќта и оние кучиња скитници коишто го разнесуваат ѓубрето прават дополнителни проблеми на нашите хигиеничари. Ние како општина имаме 110 хигиеничари но нашата грижа е за локалните улици, не е за булеварите, не е за контејнерите коишто се под ингеренција на градот. Ние неколкупати побаравме да ингеренциите во делот на хигиената бидат преземени од страна на сите општини и јас сум сигурен дека ако истите ги преземеме хигиената ќе биде на уште повисоко ниво“, рече Герасимовски.

Герасимовски потенцира дека навиките мора да се менуваат. Тој во Слободен печат рече дека жалосна е сликата со која се соочуваат хигиеничарите секое утро од она кое го наоѓаат покрај контејнерите. Затоа секоја општина мора а работи на подигнување на свеста за одржување јавна хигиена.

„Го оставив телефонот на страна за да не ви покажувам со какво секојдневие се соочуваме во утринските часови што се е фрлено од страна на жителите од домашни душеци до регали, а може некој цел тоалет да си направи од плочки до када и тоалет школка. Треба да ги менуваме навиките, треба жителите да сфатат дека во приказната сме сите заедно, дека грижата на општината и квалитетот на живот зависат од нас и затоа во истата приказна треба да бидеме вклучени сите. Кај нас многу поголем дел од жителите очекуваат се да направи сама општината. Ако нашата грижа биде на малку повисоко ниво, да не се очекува се општината да прави туку сите да бидеме дел од разубавување и одржување на општината ќе имаме и почиста и позелена општина“, потенцира тој.

Во Слободен Печат, Герасимовски говореше и за останатите проекти во општината како и за проблемот со паркирањето остварените средби и изнаоѓањето начини за негово решавање.

Поврзани новости