Георгиевски: Штом се избере фирма, ќе се урне дивоградбата кај Чинарот

by fokus

Градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиевски е уверен дека до следната сесија во февруари Охридскиот регион ќе ја надмине опасноста да биде ставен на листата на загрозено светско природно и културно наследство и најавува уривање на дивоградбите, но и ревизија на регистарот со дивоградби.

Во разговорот за „Слободен печат“ тој меѓудругото најавува и дека градежната инспекција ќе ја урне пицеријата „Луна“ која бесправно ја изгради советникот од ДУИ, Нефи Усеини веднаш до чинарот, но не го коментира однесувањето на локалните моќници.

– Во врска со угостителскиот објект „Луна“, градежниот инспектор има направено записник и решение за уривање, бидејќи инвеститорот нема дозвола за градење. Со овој објект ќе се постапува согласно законските процедури за бесправно изградени објекти. Со ребалансот на Буџетот за 2019 година, што го донесе Советот на 10 јуни во програмата за уредување на градежно земјиште се предвидени 1,5 милион денари за ставката за рушење на нелегално изградени објекти. По ангажирањето на фирма за уривање општината ќе почне да постапува по изготвените решенија, вели Георгиевски.

Инаку, на тендерот за избор на фирма која ќе ги урива дивоградбите, еден од апликантите е фирма токму на сопственикот на дивоградбата и советник во општина Охрид, Нефи Усеини.

 

Поврзани новости