Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев смета дека оставките кои ги бара јавноста од ова тело, не се решение, вели дека не се недопирливи и дека одговараат пред законите.
-Оставките, особено како колективно тело не се решение. Од причини што, согласно Законот за Судски совет, замислете ако колективно заминат сите колеги членови, ќе имаме состојба кога ќе има празен простор кој да постапува за да дојдат новите членови. Согласно законската поставеноста на Судскиот совет, целата таа процедура за новите колеги ја спроведува Судскиот совет, изјави Георгиев во гостување на телевизија Сител.
И така, посочи Георгиев, за краток временски рок завршува мандатот за најголем дел од членовите од овој состав на Судскиот совет, така што, како што нагласи, за кратко време ќе дојдат нови колеги.
Прашан во однос на моќта на Судскиот совет согласно закон и Устав, што им дава статус на недопирливи во јавноста, Георгиев рече дека не се чувствуваат така и дека работат по закон и одговораат пред законот.
-Прво не се чувствуваме дека сме недопирливи и дека немаме никаква одговорност. Работиме по закон, тоа го кажуваат резултатите. Какви и да се, резултатите се тие. Од друга страна, одговорноста и како судија, и како член на совет, и како претседател, апсолутно имаме одговорност. Одговараме пред законот, тука нема дилема во тој дел. Одговараме пред законот и доколку некој не се придржува до тоа поединечно, ќе си ја носи одговорноста, тука е законот еднаков за сите, изјави Георгиев.
За предлогот на министерот за правда, Кренар Лога со законски измени да се заврши мандатот на членовите на сегашниот состав на Судскиот совет вели дека доколку се дозволи со некакви законски интервенции за Судскиот совет како тело, и за други тела кои што претставуваат уставна категорија, тоа ќе биде една лоша порака и лоша пракса за во иднина.