Многу е побитно да се регистрира емоцијата, отколку да се документира фотографијата. Од било каков настан секогаш има една фотографија која најдобро го илустрира настанот. Ако фотографијата има и порака, тогаш сте ја постигнале вашата цел, вели на „Трилинг“ фотографот на „Фокус“ Томислав Георгиев, добитник на наградата „Никола Младенов“.
-Некогаш мора да се документира нештото на најточниот начин, некогаш имате своја емоција. Фотографијата може да пренесе погрешна или лажна вест. Вештачката интелегенција сега генерира такви фотографии што обичен гледач не може да оцени дали се вистински, или не – рече тој.
На прашање дали во Македонија има медиумски папараци и колку нашите политичари, бизнисмени, актери, уметници сакаат да бидат фотографирани или преферираат да си ја задржат приватноста, вели: „ Сметам дека сепак сакаат да си ја задржат приватноста“.
-Сега мобилните телефони станаа мини камери со сериозни резолуции, ама мене хобито ми стана професија. Новинарството влегува под кожа и станува пасија, многу го сакам тоа што го работам, го работам со толку многу страст. Фотографите може 8 часа да чекаат само за да направат една фотографија – вели Георгиев.
Според него, автентичната фотографија секогаш го наоѓа својот пат.