Генерација вљубена во правото: Кој пат го фатија некогашните колеги?

by fokus

Драги Рашковски, Димитар Апасиев, Љупчо Николовски и Игор Јанушев се 38-годишни мажи кои изминативе години се едни од најактуелните имиња на нашата политичка сцена.

Она кое им е заедничко на сите четворица е тоа дека се иста генерација, сите се родени во внатрешноста на државата, односно во провинција, своевремено колеги на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Сите вљубени во правото, па во нивните биографии стои податокот дека на „Јустинијан Први“ се стекнале со највисоки оценки за време на школувањето.

Биле истакнати студенти, а потоа и магистри, доктори…

Така на пример струмичанецот Драги Рашковски, на „Јустинијан Први“ се стекнал со највисоки оценки и со три магистратури од областите на граѓанското материјално и граѓанското процесно право, казненото право и криминалистика, право на интелектуална сопственост.

На истиот факултет се стекнал и со два доктората насловени: „Остварување на формите на непосредна демократија со помош на информатичката технологија“ и „Дигитализација и автоматизација на комуникацијата на граѓаните со јавната администрација (со систем за дигитално комуницирање со јавната администрација“).

Надежниот правник, кој стигна и до функцијата генерален секретар на Владата, сепак седна во обвинителна клупа за перење пари.

Неговото име се најде среде три случаи – за софтверот што МВР не го користи, за набавката за радарските системи од италијанската фирма Леонардо, како и за неговата имотна состојба.

Периодов, поранешниот генерален секретар на Владата кој е првообвинет во случајот „Софтвери” е чест ,,гостин” во судница, а покрај скандалите кои ја обележаа неговата политичка кариера, во јавноста останува запамтен и по изјавата дека нема промена во неговата имотна состојба, туку неговите деца имале заштеда од родендени и мекици.

Игор Јанушев, поранешен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, роден во Велес, исто така е дипломиран правник при Правен факултет „Јустинијан Први“ – Скопје. Иако оставаше впечаток дека пред него има ветувачка политичка кариера, тој се повлече од функцијата пред две години, со образложение дека тоа го направил поради лични причини.

Неколку месеци потоа Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека поднело обвинение против Јанушев, како член на комисијата во Министерството за транспорт за јавната набавка на автобусите во 2010 година.

Неговото судење за набавката на двокатните кинески автобуси со која се нанела штета на буџетот од 4,7 милиони евра продолжува, а на последното судско рочиште тој се изјасни за невин.

Помеѓу оваа четворка на популарни јавни функционери, иста генерација и поранешни колеги на факултет, активни на политичката сцена остануваат Љупчо Николовски и Димитар Апасиев, претседател на Левица, чија партија за првпат освои две пратенички места на изборите во 2020 година. И тој, исто како Јанушев е роден во Велес, а на Правниот факултет „Јустинијан Први“ дипломирал, магистрирал и докторирал.

Во неговата биографија е наведено дека имал континуиран просечен успех постигнат на прв, втор и трет циклус студии, 10.00 (десет), без ниту еден преполаган испит во текот на школувањето.

За Николовски пак, роден во Крива Паланка, познато е дека дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во 2007 година.Потоа со дипломата – специјалист по политички менаџмент се стекнал на Нов Бугарски Универзитет, бугарски факултет за политики и Совет на Европа.

Стана активен на политичката сцена како дел од редовите на СДСМ во 2014 година, а веќе во 2017 година стапи на функцијата министер за Земјоделство, шумарство и водостопанство во Владата.

Две години потоа беше назначен за генерален секретар на СДСМ, беше задолжен за борба против корупцијата и криминалот, а од јануари годинава повторно е министер за Земјоделство, шумарство и водостопанство во Владата.

По кој тек ќе оди политичката кариера на преостанатите двајца правници, Апасиев и Николовски, кои се активни на своите политички функции, за разлика од Рашковски и Јанушев, за кои изминатиот период јавноста ги следи новостите од судница, останува да покаже времето.

Дали дел од генерацијата која ветуваше позитивни промени во државата и се залагаше за владеење на правото и демократијата (Рашковски и Јанушев) падна на испитот, по обелоденувањето на случаите за кои се подигнати обвиненија против нив, и дали останатиот дел од оваа генерација (Апасиев и Николовски) ќе успее да ја придвижи земјата напред, останува да покаже времето.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости