Генерацијата алфа останува единствената надеж за спречување на зомбирањето на човештвото. Футуристите и демографите предвидуваат дека светската историја никогаш толку драматично нема да се промени, како во текот на оваа генерација, која е првата што ќе го доживее 22 век. Од неа се очекува да направи многу повеќе од постигнатото во целокупната човечка историја
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Годинава, на 12 јуни, внукот Максим полни десет години, со што почнува неговиот тинејџерски период. Припадник на најновата генерација алфа, родени од 2010 година, па наваму.
Расте, пубертетски се самопотврдува, учи нови работи, определува вредности, идеали и соништа, отвора нови хоризонти, го дооформува карактерот и еволуира со добивање животно искуство и мудрост.
Дедото и родителите, родени како бејби бум и генерација милениумци, го подучуваат и гледаат зреењето на нивниот внук и син. Во 2025 година доаѓа нова генерација, заедно со почетоците на Четвртата индустриска револуција и трансхуманизмот.
Првата индустриска револуција направи водената и енергијата на пареа да го механизираат производството, втората ја искористи електричната енергија за масовно производство, а третата ја употреби информатичката технологија за автоматизирање на производството.
Четвртата индустриска револуција треба да биде интегрирање на технологиите. Таа ја замаглува линијата меѓу физичката, дигиталната и биолошката сфера, што значи дека високите технологии стануваат составен дел од човештвото.
ДИГИТАЛНО ТОТАЛИТАРНО ОПШТЕСТВО
Терминот трансхуманизам прв го употребил Данте Алигиери во поглавјето „Рај“ на „Божествената комедија“. Современото значење почнува да се користи дури во 1970-тите, како проповед на меѓународно филозофско движење за самостојно човечко продолжување на еволуцијата, заради подобрување на умствените и физичките можности со помош на новите технологии.
Крајната цел е киборгот, т.е. кибернетскиот организам со биомеханичка симбиоза меѓу човек и робот. Вистински киборг, на пример, би бил пејсмејкер или инсулинска пумпа, дури можеби и контактни леќи и слушни апарати за подобрување на човечките способности со употреба на технологија.
Вештачката интелигенција веќе не е научно-фантастичен феномен, туку станува дел од секојдневието, кој го променува животот. Деновиве, мултимилијардерот Илон Маск, основач на компанијата „Тесла“, доби одобрение да тестира мозочни чипови на луѓе, наменети за инвалиди повторно да бидат подвижни, со поврзување на мозокот и компјутерот.
Опасноста за злоупотреба од користењето чипови за вградување во телата и мозоците е во анулирањето на моралот, слободната волја и емпатијата, како и можноста од целосна контрола на движењето на луѓето и читањето секоја нивна мисла.
Крајната фаза на Четвртата индустриска револуција и трансхуманизмот треба да се операционализира за неколку години. Целта е дигитализација на сите животни сфери, со создавање своевидно „Дигитално тоталитарно општество“, во кое луѓето ќе бидат затворени во глобален дигитален собирен центар, без никакви права и слободи (24-часовна контрола, дигитални биометриски идентификации на личноста, онлајн-образование, судски систем, медицина, економија и пари).
„ПАТ СВОЈ СЕКОЈ ИМА“
Едноставно, граѓаните да бидат затворени во своите домови, потиснати, зомбирани и безнадежни. Тоа не така одамна се потврди со тестот на локдаунот за ковид 19!
Вештачката интелигенција е ризик како пандемија и нуклеарна војна. Нејзиното трансформирање во опасни оружја и нов тип дезинформации можат да го уништат светот.
Опасноста од технолошка дистопија ја предвидува уште Џорџ Орвел, а за неа алармира и најновиот извештај на Светскиот економски форум, со предупредувањето за катастрофално зголемување на киберкриминалот на десет и пол трилиони долари во следните две години.
Генерацијата алфа останува единствената надеж за спречување на зомбирање на човештвото. Футуристите и демографите предвидуваат дека светската историја никогаш толку драматично нема да се промени, како во текот на оваа генерација, која е првата што ќе го доживее 22 век. Од неа се очекува да направи многу повеќе од постигнатото во целокупната човечка историја.
Максим, генерацијо алфа, честит десетти роденден и почеток на тинејџерството! Мојата бејби бум генерација не успеа да ги оствари младешките идеали и соништа. Сега, со задоцнето палење, начисто сум дека нашите заблуди, грешки, промашувања и шарени (псевдо)револуции можат да бидат корисни единствено како поуки за идните поколенија!
Светот останува на генерацијата алфа. За остварување на целта, честитка и порака со песната „Моја генерација“ од легендарната „Корни група“, испеана пред половина век: „Сега времето е сосема друго/ и пат свој секој има/ колку повеќе сме подалеку/ сѐ повеќе сакаме да знаеме“…