Генералот кој го критикуваше Путин и неговата сопруга се пронајдени мртви

by Fokus

Поранешниот командант на руската воздушна одбрана е пронајден мртов заедно со неговата сопруга под мистериозни околности. Високо одликуваниот генерал-полковник Владимир Свиридов и неговата сопруга Татјана, како што е соопштено, биле мртви околу седум дена кога им ги пронашле телата.

Пензионираниот пилот еднаш го критикуваше Владимир Путин поради водењето на „третокласните“ воздухопловни сили, предупредувајќи дека високите офицери ги напуштаат вооружените сили поради лошите плати и условите. Руските власти не беа во можност да ја утврдат причината за смртта, објавија локалните медиуми. Генералот и неговата сопруга се пронајдени мртви во куќа во селото Аџиевски во Ставрополската територија, пишува Дејли Мејл.

„Работниците на гасната служба веќе извршиле мерења и не откриле вишок на дозволена концентрација на штетни материи“, се вели во првиот извештај за нивната смрт. „Што ја предизвика смртта на Владимир и Татјана Свиридов сè уште не е познато“, се додава.

Свиридов командуваше со 6-та армија на руските воздушни сили и воздушна одбрана од 2005 до 2009 година, а беше назначен од Владимир Путин. Тој беше почесен пилот на Русија, а претходно служеше како воен пилот. Добитник е на Орденот на Црвена звезда и голем број медали.

Свиридов се повлече од должноста на 54-годишна возраст, откако јавно упати серија остри критики за руските вооружени сили.

„Пилот мора да има околу 100 часа летање годишно за целосна борбена готовност. Сепак, тоа сè уште не е така. Просечното време на летање во армијата моментално е 25-30 часа. Принудени сме да назначуваме нецелосно обучени офицери бидејќи нема подобри. Од истата причина испраќаме пилоти од трет ранг на Воената академија. Тоа не се случуваше во минатото“, критикуваше Свиридов. Тој му порача на Путин „да создаде нормални услови за живот за младите офицери, како и за сите војници, со цел правилно да ги извршуваат своите воени должности“.

Поврзани новости