Генералот Ангелов во Липково: Во 2001 изгубивме сите, изгуби Македонија

by Fokus

Ветераните од конфликтот во 2001 година во Македонија, Стојанче Ангелов и Абедин Зимбери положија цвеќе на гробовите на колатералните цивилни жртви во Липково. И двајцата повикаа на помирување на ветераните.

Сeќавања

Прв пат, после 17 години, собрав сила да го посетaм т.н. кризен, кумановско-липковски регион. Местата на кои во 2001-та се одвиваа неколку жестоки битки ми ги покажа, никој друг, туку лично мојот тогашен воен непријател, командантот на воената полиција на УЧК во овој регион, Абедин Зимбери.

На местото на кое во 2001-та спремни за напад стоеја неколку армиски тенкови и транспортери, денес ораше еден стар црвен трактор. Морбидниот ров од кој УЧК со рачни фрлачи на ракети успеа да погоди два оклопни хермелина на Тигрите, денес беше она што отсекогаш бил. Обичен, длабок, земјен канал за наводнување. На асфалтираниот пат по кој во 2001-та се движеше колоната оклопни транспортери, денес се движеа обични трактори и коли. Страшното забарикадирано село од кое УЧК, во јуни 2001-та, со прецизен минофрлачки оган ја нападна нашата колона, денес изгледаше како и секое обично македонско село. Полно со вредни, замислени, навидум обични луѓе, растрчани по работа. Групи старци седнати наоколу пиеја кафе и чај и зборуваа помеѓу себе. Младите ги немаше никаде.

Денешнината полека умира

„Поголемиот дел се иселени“, ми објаснуваше мојот воен непријател од 2001-та. „Тежок живот. Тешко се живее. Да биде полошо, најголем дел од населението во овој регион нема водовод ниту канализација. Иако цевководите од двете липковски брани на патот кон Куманово минуваат низ атарите на нашите села, ние сѐ уште немаме водовод ниту чиста вода за пиење“, продолжи Зимбери. „Повеќето семејства имаат сопствени бунари за вода, но поради фекалиите од бројните септички јами, водата хемиски и бактериолошки е неисправна за пиење. Некои семејства немаат услови редовно да набавуваат чиста вода за пиење, па се принудени да пијат неисправна бунарска вода. Незадоволни од условите во кои се живее овде, младите масовно се иселуваат надвор од Македонија“, ми зборуваше Зимбери.

„Верувај ми, безмалку сите Албанци во овој регион живеат тешко. Многу тешко. И не само овде. Поголемиот дел од Албанците, насекаде низ Македонија, живеат тешко“, дополни Зимбери.

„Не само Албанците, Абедин“, го дополнив. „Не само Албанците. Во Македонија повеќето живеат тешко“, додадов. „Погрешно е вашето мислење дека вие живеете тешко само затоа што сте Албанци“, продолжив понатаму. „Ајде да се договориме некој ден да отидеме до Пробиштип, или до Македонска Каменица, Пехчево, Делчево, Берово, Виница, Штип… Да видиш дека Македонците таму живеат тешко исто како Албанците ваму. И не само таму. Насекаде низ Македонија поголемиот дел од Македонците живеат тешко. Токму тешкиот живот и неправдите на кои вие Албанците постојано се жалите, натераа илјадници Македонци да ги напуштат родните огништа и да се иселат надвор од Македонија. Луѓето бегаат одовде како да е раширена некоја страшна чума. Но, проблемот кај нас е уште поголем бидејки не се селат само младите. Се селат и возрасните, па и најстарите. Некои велат дека на лозјата низ Италија можат да се сретнат Македонци, дедовци и баби, кои заминале таму да заработат некоја пара колку за гола егзистенција кога ќе се вратат ваму“, замислено му објаснував на Зимбери.

„Од друга страна, зарем Албанците во Косово живеат подобро отколку Албанците во Македонија? Зарем постојаните, нови и нови етнички барања на албанските политички партии во Македонија ќе ви ги решат егзистенцијалните проблеми и ќе ви го направат животот поубав и подобар“, запрашав и прекинав со зборување.

Разлики за минатото

Движејки се кон гробиштата над село Слупчане зборувавме за она што ни се случи во 2001-та. За жал, тука нашите сфаќања и ставови остануваат исти. Бетон. Различни како на првите наши ТВ дуели, 11 години стари. Јас и понатаму сметам дека војната од 2001-та беше непотребна, погрешна и не смееше да ни се случи бидејки и без неа Албанците во Македонија постепено ќе ги решеа сите свои неопходни, етнички барања, проблеми и права. Најверојатно поспоро, но без оружје, непријателства и убивања, благодарение на тогашната реална меѓуетничка политика на премиерот Љубчо Георгиевски и претседателот на ДПА Арбен Џафери. Абедин пак сѐ уште смета дека Албанците во Македонија биле до толку згазени и обесправени што немале избор и морале вооружено да се кренат.

Понатаму, јас сеуште сум убеден дека борбата беше за територија, Абедин и понатаму ме убедува дека се бореле за права. Јас сѐ уште верувам дека мнозинството македонски Албанци си ја сакаа државата и беа против насилство и војна, но, некои од косовските Албанци на кои само година претходно им помогнавме примајќи ги дома, одиграа клучна улога и кај нас да почне војна. Абедин продолжува да ме убедува дека не е така… Јас му викам, во вашите редови имавте косовари и странци, тој ми враќа, вие пак имавте Бугари и Срби…

Ваквите наши сваќања и ставови ќе ги потврди, омекне или отфрли, времето и науката. Затоа, ние, двете страни, сме должни да ѝ помогнеме на науката, благовремено, низ еден непристрасен, објективен, научен пристап, да даде научно објаснување на сите прашања за кои ние сѐ уште зборуваме, навиваме и не се согласуваме. Науката, а не ние, е таа која треба да го даде последниот збор.

Следната разлика во нашите сфаќања беше, кој победи во 2001-та? Јас и понатаму останувам убеден дека ние, припадниците на македонските безбедносни сили, бевме надмоќни во секој поглед, плус, врвно обучени, високо мотивирани и подготвени за одбрана на татковината, поради што без поголем проблем и жртви можевме да ја совладаме Ослободителната Народна Армија (ОНА на македонски, УЧК на албански). Абедин пак сѐ уште смета дека тие, со нивната герилска тактика, пожртвуваност и храброст, никогаш немало да изгубат.

„Вие доаѓате, војувате, некаде освојувате, оставате контролни пунктови и заминувате. Ние остануваме овде. Еве да претпоставиме дека ќе освоевте некое село. Или, ќе го ослободевте од нас, како што велевте вие. Сте се запрашале ли некогаш од кого сте го ослободиле селото во кое живееме ние? Ќе поставите контролни пунктови, ќе оставите полиција и војска, ќе останете година, две, можеби и три. На крај, вие ќе си заминете дома ние ќе останеме овде. Бидејки овде е нашиот дом. Бидејќи овде живееме ние. Оваа држава е наша исто колку што е и ваша. Бидејќи и ние, исто како и вие, живееме во неа“, ми објаснуваше Абедин.

Целосно согласни за иднината

За тоа, кој победи во 2001-та, никогаш нема да се согласиме, но, за тоа, кој изгуби во 2001-та, целосно сме согласни. Во 2001-та, во Македонија, изгубија сите. Изгубија Македонците, изгубија Албанците, изгубија сите македонски граѓани. Изгуби Македонија. Изгуби државата Македонија. Загинаа борци од двете страни, загинаа цивили од двете страни, повредени, ранети, осакатени и трауматизирани од двете страни, разурнати и напуштени цркви, џамии и куќи. Покрај ненадоместливата штета од човечки животи кои не можат да се вратат, војната од 2001-та ја чинеше Македонија и многу пари. Дополнително ја осиромаши нашата држава. Ја врати назад. Многу назад. Десетици години назад. Ја врати назад на економски план, уште повеќе на меѓуетнички план.

Но, кој беше виновен за тоа што ни се случи? Кој беше виновен за тоа што нашата држава се најде во виорот на внатрешен, меѓуетнички, вооружен конфликт? Чија беше вината, за повторно да не ни се случи? Се разбира, целата држава не може да биде виновна. Не можат да бидат виновни ниту сите Албанци, ниту сите Македонци. Виновни беа само, сите дотогашни државни раководства кои биле должни, но не успеале да најдат начин да го спречат вооружениот конфликт кој тлеел и се подготвувал со години наназад. Но, реално, кога во предвид ќе се земе сѐ, во тој период не било ниту едноставно, ниту лесно, да се најде таков начин.

Затоа, за да не ни се повтори грешката од минатото, целосно ја оправдуваме и поддржуваме мудрата меѓуетничка политика на сегашното државно раководство кое недвосмислено прави сѐ во Македонија да успее концептот на „едно општество за сите“, внатрешен концепт кој, меѓу другото, успешно превенира и опасност од иден, вооружен, меѓуетнички конфликт. Внатрешен концепт кој од различни мотиви, дел искрени, но повеќето задни, некои се обидуваат да го опструираат или целосно минираат. Македонија на Македонците, некому звучи добро, но е тотално нереално бидејќи во Македонија покрај Македонците живеат и Албанци, и Срби, и Роми, и Власи, Турци и Бошњаци… Македонија, бинационална држава, запнале неколку албански политичари. Не бива, од истите причини… Затоа, многу поубаво, побезбедно и похумано, а и политички помудро, звучи, Македонија на сите кои живеат во неа, Македонија за сите кои живеат во неа, Македонија, едно општество за сите.

Другиот, не помалку важен, можеби и уште поважен момент за спречување на внатрешен, вооружен, меѓуетнички судир, за кој ние исто така целосно сме согласни е актуелната меѓународна политика на сегашното државно раководство кое исто така прави сѐ, за влез на Македонија во најмоќниот воено-политички сојуз во светот. НАТО, покрај неспорните економски бенефити, на нашата држава ќе ѝ гарантира безбедност, стабилност и траен внатрешен мир, вклучувајќи и гаранција за непроменливост на нашата државна граница.

Зборувајќи за 2001-та, со црниот голф на Зимбери, стигнавме пред гробиштата над село Слупчане.

Црнила

Полека ја отворивме влезната капија од црно ковано железо. Влеговме внатре. Се приближивме до блиските гробови. Погледнав напред, погледнав горе, погледнав лево и десно. Гробови десет, букет еден. Еден букет за десет гробови. Еден букет за десет загинати цивили. Застанавме мирно. Без да мрдам, со здрвен поглед, размислував и молчев. Минута подоцна полека го спуштив цвеќето врз гробот пред мене.

Валбона Зимбери, пишуваше на надгробната мермерна плоча. Родена март 1994-та во Слупчане, почината мај 2001-та во Слупчане. Седумгодишната ќерка на Абедин Зимбери. Молчешкум стоев пред гробот на неговото дете. Се чувствував лошо. Се чувствував многу лошо. Гледав долу, право во детскиот гроб, па ќе го тргнев погледот и ќе погледнев наоколу. А наоколу… Мермерни гробови. Мермерни гробови во кои почиваат локални цивили. Десет гробови со невини деца, момчиња и жени. Молчев, се кршев, тагував и прашував.

„Мораше ли да има војна? Мораше ли да гинат луѓе? И, уште пострашно, мораше ли да гинат невини цивили? Додека ние, припадниците на македонските безбедносни сили и УЧК се убивавме помеѓу себе, ни криви ни должни, настрадале цивили. Само затоа што не се тргнале на време. Скриени во подрумите на две селски куќи, веднаш до позициите на УЧК. Колетерална штета, така воената наука се изјаснува за нив. Бидејќи никој немал намера да убие цивили. Бидејќи никој од безбедносните сили не знаел дека токму таму се кријат локални цивили. Но, како и да е, во гробовите пред мене почиваа десет невини деца и жени, десет невини човечки души, десет невини цивили. Дали можела да се избегне оваа несреќа? Дали можела да се избегне нивната смрт?“, си мислев тивко во себе. „Секако“, си реков. „Доволно ќе беше да нема војна.“

Простување

Но, што и да мислев, што и да кажев, колку и да ми беше жал, колку и да тажев, мртвите ќе останат мртви, да се вратат назад – нема. Доцна е. Предоцна. Доцна е за нив, кутрите починати души. Но, не е доцна за нас, живите. Живите припадници на македонските безбедносни сили и живите припадници на УЧК. Не е доцна за нас кои бевме дел од овие ужаси и останавме живи. Не е доцна за нас, заедно да покажеме почит кон загинатите цивили. Без разлика како загинале и од чија страна биле. Да покажеме почит, да изразиме сочувство и жал. И, најтешко од сѐ, да побараме прошка. Да побараме прошка од нивните фамилии затоа што, додека ние сме војувале меѓу себе, настрадале нивните чеда, настрадале нивните мили. Абедин ми прости мене. Јас му простив нему.

Останува, семејствата на загинатите цивили кои настрадале како колатерална штета, да ни простат нам, на припадниците на македонските безбедносни сили. За она што било некогаш, да не нѐ јадосува ете и сега. Бидејќи војната секогаш е таква. Страдаат борците и гинат. Страдаат и гинат борците од двете страни. Но, кога облекле униформа, навлекле чизми и зеле оружје во раце, борците знаеле дека може да загинат и биле спремни да умрат. Но, во војна не гинат само борците. Во војна, некогаш злонамерно, некогаш ненамерно, како колатерална штета, страдаат и гинат невини цивили. Страдаат децата, страдаат старци, страдаат девојки и жени. Иако тие се најмалку криви. Но животот… И покрај се, животот мора да тече понатаму. Колку што може понормално за двете страни. Затоа, во име на сите совесни припадници на македонските безбедносни сили, барам прошка од семејствата на несреќно настраданите цивили. Цивили кои ненамерно, како колатерална штета, настрадале од нашите гранати, куршуми и мини. Нека почиваат во мир.

Непростување

Прошка, ниту барам – ниту давам, за злосторници од двете страни. Злосторници кои свесно, намерно, со план, нанеле болка, повредиле, се изживувале или убиле недолжни цивили или тешко ранети војници и полицајци. За заседата кај село Вејце, за 5-те киднапирани и сурово измачувани Мавровски работници, за 12-те киднапирани и убиени Македонци од тетовско, за суровото убиство на двајцата Македонци во мотелот Бриони, прошка нема.

Кафето на липковската брана

Од гробиштата се упативме кон двете Липковски езера. Прошетавме покрај високата бетонска брана на второто, поголемо, вештачко езеро, евоцирајќи малку спомени од 2001-та. Абедин повторно ја кажа неговата верзија за затворањето на вентилите на Липковската брана, кои, според него, летото 2001-та ги затворил вработениот на браната пред да го повлечат назад во Куманово носејќи ги притоа со него клучевите од металните врати. „УЧК нема врска со сопирањето на водата од Липковската брана“, ми објаснуваше Зимбери.

„Да не беше автентичното толкување на Законот за амнестија со кој се прекинаа постапките за т.н. Хашки случаи, а кое според мене не смееше да се случи, случајот со прекинот на водата за пиење, среде лето во Куманово, денес ќе беше расветлен и ќе ја знаевме вистината“, му вратив со мојот став.

По кратката прошетка се спуштивме долу, покрај првата брана, во еден убав, голем ресторан, покрај самата вода. Во ресторанот немаше никој освен келнерот и ние. Јас и генералниот секретар на Достоинство, Драган Василевски, Абедин и неговиот поголем син, Самир Зимбери. Порачавме по едно жешко, кафе еспресо и продолживме со зборување.

Подрумот на смртта

„Во подрумите на две соседни куќи во Слупчане беа засолнати поголема група цивили“, почна да раскажува Абедин. „Тој ден имаше голема офанзива на македонските безбедносни сили. Во жарот на борбата, додека тие пукаа по нас, а ние по нив, граната удри во бетонскиот ѕид на подрумот во кој беа засолнати локалните цивили. Гранатата го проби бетонскиот ѕид и влета внатре во подрумот. Се слушна силна експлозија. Метални шрапнели се распрснаа на сите страни. Бев во непосредна близина, видов како од куќата се крева прашина и чад. Најбрзо што можев се стрчав кон куќата која почна да гори. Влетав во подрумот“, продолжи Зимбери.

„Внатре беше страшно. Лелеци и врисоци на сите страни. Мирисаше на крв, барут и смрт. Искасапени луѓе, деца и жени, преплашено викаа за помош. Помеѓу нив забележав неколку мртви. Во едно од мртвите тела го препознав мојот 12 годишен син. Паднат на земја, со расцепена глава точно на сред чело, облеан во крв. Бев вџашен и скршен од бол. Клекнав и немоќно зјапав во него, зјапав во мојот мртов син. Истовремено во главата ми продираа силни крици. Ранетите цело време лелекаа и бараа помош. Го оставив синот да лежи таму, на бетонскиот под во срушениот подрум. Немав време за тага, морав да им помогнам на живите, тешко ранети луѓе, кои лелекајки бараа помош. Полека, еден по еден, од подрумот почнавме да ги изнесуваме најпрво тешко ранетите, крвјосани луѓе. Одеднаш еден роднина дотрча до мене“, низ болка раскажуваше Зимбери. „Син ти е жив!“, ми викна. „Жив е, почна да мрда.“

„Силно скокнав и летнав по скалите, назад во подрумот. Клекнав над мојот син. Облеан во крв, со страшна рана на главата, но жив“, тука Абедин подзастана, подголтна и малку потоа продолжи. „Откако ги извадиме ранетите почнавме да ги собираме мртвите“, тука Абедин сопре. Погледот му се застакли, грлото му се стегна, гласот одеднаш му го снема. Направи мала пауза, повторно собра сила и целиот скршен, со болка продолжи да збори.

„Неколку од загинатите беа разнесени на делови, крв течеше на сите страни. Моравме да ги собираме парче по парче, дел по дел. Да биде пострашно и посурово, сите до еден се презиваа Зимбери. Меѓу тешко ранетите беше и мојата седумгодишна ќерка Валбона Зимбери. Целата во крв, со разнесено рамо, распаран стомак и оштетени бубрези. Почина неколку дена подоцна“, тука Абедин не издржа и запре. Не само Абедин. И јас бев растревожен од она што го слушав. Грлото ми се стегна, не можев да зборувам. Се гледавме, молчевме и размислувавме.

Шест мртви и десетина тешко ранети цивили бил билансот од смртоносниот подрум. Една млада мајка со својата 2 годишна ќерка и својот 3 годишен син, едно 7 годишно машко дете, едно 14 годишно девојче и една млада 24 годишна жена. Седумгодишната ќерка на Зимбери починала неколку дена подоцна. Силните експлозии кај две бремени жени предизвикале предвремено пораѓање. Поради лошите услови една од жените умрела за време на породувањето. Наредниот ден починале и двете штотуку родени бебиња. Вкупниот биланс на смртта, во тие неколку денови, бил 10 мртви цивили.

Војничка чест

Некаде во тој период, додека во подрумот гинеа цивили, од страна на УЧК во кумановско-липковскот регион беа заробени неколку војници на АРМ и неколку Македонци цивили. И покрај силната болка и психичка траума предизвикана од тешката семејна загуба, Абедин Зимбери, како командант на воената полиција на УЧК, не дозволил да го совлада омразата и со изречна команда ги заштитил заробените војници и цивили. Никој од нив не бил убиен, ниту измачуван. По извесно време, сите заробени лица беа ослободени.

Понатаму, како највисок старешина на УЧК во овој регион, и покрај суровата семејна загуба, Абедин не дозволил да биде извршено ниту едно воено злосторство врз македонските цивили, за разлика од тетовскиот регион во кој има 14 убиени и уште најмалку 5 безмилосно измачувани цивили.

Со Абедин имаме учествувано во најмалку една заедничка битка, се разбира од спротивни страни и морам да признаам дека се бореа храбро, пожртвувано и добро, иако, беа далеку послаби од нас, специјалците од Тигрите. Во една прилика предводев напад на Тигрите врз село Оризаре, Абедин ја предводел одбраната на селото од другата страна. Но, за тоа во некоја друга прилика ако смогнам сила.

Абедин е и долгогодишен одличен каратист и тренер на активен карате клуб во кој вежбаат многу деца и млади од липковскиот крај. Зборувајки за каратето, сфативме дека во деведесетите години се имаме борено на заеднички натпревари и турнири во тогашната карате лига.

Ова се неколку силни моменти кои и покрај сѐ, барем кај мене, предизвикуваат почит кон мојот воен непријател од 2001-та, Абедин Зимбери.

Зимбери јуниор

Додека јас и Абедин наголемо зборувавме за стравотиите на војната од 2001-та како и за плановите за иднината, неговиот син седеше на масата со нас, одвреме – навреме пивнуваше од кафето, кротко гледаше наоколу, внимателно слушајки не што зборувавме ние. Длабоката лузна од страотниот подрум, сѐ уште му се познаваше на средината на челото. Додека слушаше, на неговото лице можев да забележам бол, но не можев да видам омраза. Ниту трошка омраза насочена кон мене.

„Колку години имаш?“, го прашав. „29“, ми одговори. „Женет си?“ „Да.“ „Дечиња колку?“ „Едно.“ „Па што чекаш за второ“, го прашав на шега. „Нема услови“, ми рече тој. „Тежок живот, тешко се живее во овој крај“, додаде.

„Денес, повеќето млади, имаат по едно или две деца. Не е како порано. Не можеме да ги натераме да се оженат, а не пак да имаат по неколку деца. Повеќето чекаат да наполнат триесет за да склучат брак“, на шега коментираше Абедин, гледајќи во неговиот син. „Само едно внуче од овој син. Едно ама вредно. Барем го гледам секој ден. Внуци од другиот син иако е оженет сѐ уште немам, но, и кога ќе ги имам ќе ги гледам ретко. Многу ретко“, тажно раскажуваше Абедин за неговиот помал син кој пред неколку години се отселил во Швајцарија.

Дијалог

Така зборувајќи времето летна. Средбата веќе беше при крај. Но, оваа средба е само почеток. Почеток на еден процес, почеток на еден тежок дијалог. Дијалог помеѓу непосредните учесници во вооружениот конфликт, дијалог помеѓу борците од двете страни.

Со Абедин се договоривме да ја разгледаме можноста да мобилизираме воени ветерани од двете страни, ветерани кои искрено се за живот и мир, ветерани кои со своето искуство, знаење и авторитет ќе помогнат во изградбата на едно безбедно општество за сите, општество во кое граѓаните, посебно младите, нема да се навредуваат, тепаат и убиваат само затоа што имаат различна етничка припадност.

Ветерани од двете страни, да ѝ помогнат на Владата, онолку колку што можат, на патот Македонија да стане модерна, безбедна и побогата држава, членка на Европската Унија и на НАТО.

Однапред сме свесни дека ќе бидеме напаѓани, бидејки, порано се боревме во војна, а денес се бориме за мир. Но, помислата дека со нашата активност ќе спречиме едно, макар и само едно насилство, ќе спречиме една, макар и само една тепачка во автобус, ќе спречиме еден, макар и само еден напад со нож во кој ќе биде избодено некое дете, ни создава силна морална обврска и ни дава сила, да не се откажеме и да одиме до крај.

А јас верувам. Верувам во мојата држава, верувам во мојот народ, верувам во безмалку сите македонски граѓани. Верувам дека во Македонија, набргу, животот ќе стане побезбеден, полесен и подобар.

Да не го заборавиме минатото, да се бориме за иднината

Без разлика на нашите различни ставови за минатото, цврсто сме решени да се бориме за иднината. Додека одмораме од борбата за иднината ќе одвоиме време да расправаме за минатото, бидејки, тој што не го почитува искуството од минатото и не влече поуки од него, самиот се предодредил за повторување на старите и правење на нови и нови грешки.

 

                                                                                                   Стојанче Ангелов,

                                                                              претседател на Достоинство

Поврзани новости