Генералното собрание на ОН со огромно мнозинство ја осуди нелегалната руска анексија на четирите украински региони

by fokus

Генералното собрание на Обединетите нации ноќеска со големо мнозинство го осуди рускиот „обид за нелегална анексија“ на четири делумно окупирани региони во Украина и ги повика сите земји да не го признаат потегот, зајакнувајќи ја дипломатската меѓународна изолација на Москва, јави ДПА.

Одлуката на ГС на ОН не е обврзувачка, но резолуцијата ја прогласи анексијата за неважечка и бара Русија да ги поништи своите потези за припојување на источните украински региони Доњецк, Керсон, Луганск и Запорожје.

Три четвртини од 193-те членки на Генералното собрание, или 143 земји, гласаа за резолуцијата, која исто така ги потврдува суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја прослави одлуката како историска.

„Светот си кажа – обидот за анексија на Русија е безвреден и никогаш нема да биде признаен од слободните нации“, напиша тој на Твитер.

Американскиот претседател Џо Бајден, пак, кажа дека резултатот од гласањето е порака до Москва дека не може да избрише една суверена држава од картата на светот.

„Влоговите на овој конфликт им се јасни на сите – а светот испрати јасна порака како одговор: Русија не може да избрише суверена држава од мапата. Русија не може да ги менува границите насилно. Русија не може да ја заземе територијата на друга земја како своја“, се навеудва во соопштението на Бајден, пренесено од германската агенција.

„Тоа е неверојатно“, им рече на новинарите амбасадорот на Украина во ОН, Сергиј Кислицја по гласањето, стоејќи до американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд, која рече дека резултатот покажал дека Русија не може да го заплаши светот.

Само четири земји ѝ се придружија на Русија во гласањето против резолуцијата – Сирија, Никарагва, Северна Кореја и Белорусија. Триесет и пет земји беа воздржани од гласањето, вклучувајќи го и стратешкиот партнер на Русија Кина, додека останатите не гласаа, јавува ДПА.

-Денеска Русија ја напаѓа Украина. Но, утре тоа би можело да биде друга нација чија територија е нарушена. Може да бидете вие. Може да бидете следниот. Што би очекувале од овој совет?, рече Томас-Гринфилд пред гласањето во Генералното собрание.

Москва минатиот месец прогласи анексија на четири делумно окупирани региони во Украина – Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје – откако во нив организираше референдуми. Украина и нејзините сојузници го осудија гласањето како нелегално и принудно.

Гласањето во Генералното собрание следи по ветото на Русија од минатиот месец за слична резолуција во 15-члениот Совет за безбедност.

Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небезнја, пред гласањето во Генералното собрание изјави дека резолуцијата е „политизирана и отворено провокативна“, додавајќи дека таа „може да ги уништи сите напори во полза на дипломатско решение на кризата“.

Поврзани новости