Пред Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во четврток, на 23 мај во 16:00 часот по средноевропско време, треба да започне расправата за Предлогот за резолуција за геноцидот во Сребреница.
Резолуцијата со која се предлага 11 јули да биде прогласен за Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница и го осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници, беше спонзорирана од триесет земји. Официјални предлагачи на резолуцијата за Сребреница се Германија и Руанда.
Резолуцијата досега ја поддржаа сите земји од Западен Балкан, освен Србија и босанскиот ентитет Република Српска.
И покрај пресудите на меѓународните судови, официјален Белград и властите на ентитетот на Република Српска на Босна и Херцеговина негираат дека во јули 1995 година во Сребреница бил извршен геноцид врз Бошњаците, но зборуваат за „страшно злосторство“.