Генералното собрание на ОН изгласа резолуција со која бара итно повлекување на Русија од Украина

by fokus

Вечерва, во пресрет на годишнината од почетокот на руската инвазија на Украина, Генералното собрание на ОН донесе резолуција со која се бара „итно повлекување на руските војници“, повикувајќи на „праведен и траен“ мир.

Резолуцијата доби 141 глас „За“, седум „Против“ (Русија, Белорусија, Сирија, Северна Кореја, Мали, Никарагва, Еритреја), а воздржани беа 32 земји, меѓу кои Кина и Индија. Србија гласаше „за“ резолуцијата.

Украина и нејзините сојузници се надеваа дека резолуцијата ќе добие најмалку 143 гласа вечерва, како во октомври 2022 година, кога беше донесена резолуција со која се осудува руската анексија на источна Украина.

Како и претходните резолуции, кои се необврзувачки, така и оваа донесена вечерва ја потврдува „посветеноста на територијалниот интегритет на Украина“ и „бара Русија веднаш, целосно и безусловно да ги повлече сите свои воени сили од територијата на Украина“.

„За една година не треба да се состанеме за да ја одбележиме втората годишнина од оваа бесмислена војна на агресија“, рече јапонскиот министер за надворешни работи Јошимаса Хајаши пред гласањето, надевајќи се на „самит за мир“ во 2024 година.

Но, „Русија не покажува желба за мир… Таа не познава мир освен тишината на мртвите и урнатините“, предупреди шефицата на француската дипломатија, Кетрин Колона.

„Русија се обидува да убеди некои од вас дека нејзините обиди да го наруши светскиот поредок и да наметне поредок заснован на сила ќе функционираат во нивна полза. Ова е илузија“, додаде таа и повика на гласање за резолуцијата.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во средата изјави дека „никогаш во поновата историја линијата меѓу доброто и злото не била толку јасна“.

„Една земја едноставно сака да преживее. Другата сака да убива и уништува“, рече Кулеба, повикувајќи на солидарност на меѓународната заедница.

Кина, која, како и Индија, главно се воздржуваше при гласањето во ОН за Украина, а тоа беше случај и вечерва, вети дека неделава ќе објави „политичко решение“ за војната во Украина, чии елементи им ги претстави на Киев и Москва. .

„Војните немаат победници“, изјави денеска заменик-амбасадорот на Кина во ОН, Даи Бинг. „Една година од почетокот на украинската криза, фактите докажуваат дека испраќањето оружје нема да донесе мир“, оцени тој и ги повика Киев и Москва „што поскоро да го продолжат дијалогот“.

Поврзани новости