Создавање на спасувачки центри, односно резервати за кафената мечка, унапредување на легислативата за заштита на дивите животни и решавање на проблемот со нивната илегална трговија, биле темите на кои се разговарало на средбата помеѓу генералниот секретар на Владата, Методија Димовски и странски претставници од здруженија за заштита на животните.
Генералниот секретар на Владата неодамна се сретнал со Иона Данглер, директорка на одделот за диви животни во „Four Paws International“, Барбара Ван Џин меѓународен директор на секторот „Wild animals rescue & Advocasy” во оваа организација и Тина Мицковска, активист за правата на животните.
На средбата гостите изразиле голем интерес за начинот на заштита на дивите животни во земјава и укажале на проблемот со илегална трговија со нив, како и на потребата од создавање легална рамка за заштита и благосостојба на дивите животни во земјата – информира од Владата.
-Генералниот секретар на Владата, Димовски истакна дека легислативата на нашата земја во голем дел е усогласена со легислативата на Европската Унија и дека земјата е потписник на меѓународните договори и конвенции што ги допираат овие теми.
Димовски изрази уверување дека Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање и Парламентот интензивно ќе се ангажираат за унапредување на легислативата за заштита на дивите животни.
На средбата беше оценето дека во најскоро време ќе биде креиран меморандум за соработка меѓу Владата, ресорните министерства и „Four Paws International“ и дека ќе се работи на унапредување на легислативата за заштита на дивите животни како и на создавање на спасувачки центри (резервати) за кафената мечка- наведено е во владиното соопштение.
Изминатиот месец две мечки од Скопје ЗОО отпатуваа во резерватот во Швајцарија- Arosa Bearland sanctuary, бидејќи во градината немало доволно простор, а во државата нема резерват за мечки.
Во 2020 година и мечето Теди кои три и пол години живееше во кафез од два метра во штипската зоолошка градина, замина во резерватот Белица во Бугарија. Поради лошите услови за живот, мечето имаше повреди, тикови и беше анксиозно.
Трансферот го обезбеди активистката Мицковска, преку меѓународни здруженија за заштита на животните.
Уште тогаш од Министерството за животна средина порачаа дека се работи на основање на прв спасителен центар во Македонија, за да им се помогне на животните кои биле жртви на нелегална трговија, криволовство, и кои биле повредувани или чувани во лоши услови.
Вики Клинчарова