Генералниот директор на албанската полиција нема информации за снимките од бегството на Груевски

by fokus

Генералниот директор на албанската полиција Арди Велиу одби да одговори на интересот на албанските новинари во врска со изјавата на македонскиот државен јавен обвинител Љубомир Јовевски дека албанските власти не ги доставиле снимките од камерите за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски и оти тие наводно се избришани.

– Предмет на прес-конференцијата не е тоа прашање. Ние немаме информации за ова прашање, изјавил Велиу, пренесе тиранската телевизија Ора њуз.

Прес-конференцијата одржана во Тирана беше посветена на големата акција во која беа уапсени 32 лица меѓу нив и полициски службеник, кои се занимавале со недозволена трговија со луѓе од Албанија кон западно-европските земји и САД.

Телевизијата потсетува и на изјавата на обвинителот Јовевски дека „снимките не биле намерно скриени туку албанскиот систем за надзор ги отфрлил автоматски старите снимки“.

Само два дена пред изјавата на Јовевски, албанските медиуми објавија дека албанските власти на своите колеги во Скопје ќе им ги достават снимките од бегството кои се обезбедни од сигурносните камери на грачните премини во кои е „снимен и моментот кога Груевски влегува во автомобил и ја минува границата меѓу Македонија и Албанија“.

На 15 ноември албанската полиција соопшти дека на 11 ноември 2018 година во 19:11 часот Груевски излегол од Албанија преку преминот Хан Хоти во правец на Црна Гора, како патник во автомобил со регистарски ознаки CD1013A, сопственост на Амбасадата на Унгарија во Тирана.

Сепак, ниту тогаш, а ниту денес нема одговор каде Груевски ја минал македонско-албанската граница, освен шпекулациите дека тоа го направил преку официјалниот премин „Блато“ кај Дебар или нелегален премин во негова близина.

Поврзани новости