Министерството за надворешни работи на Бугарија, строго ќе го почитува мандатот на Советот на министри, декларацијата на Народното собрание и договорот меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија.
Тоа го изјави денеска бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска на прашање дали има несогласувања меѓу претседателот и Владата на темата Република Северна Македонија.
Таа посочи дека ќе го земат предвид и мислењето на последниот состанок на Советодавниот совет за национална безбедност под претседателот и нема да отстапат од рамковниот став.
Запрашана за зборовите на шефот на државата Румен Радев дека посетата на премиерот на Скопје била избрзана, Генчовска одговори дека тоа е мислење на претседателот и не може да го коментира.
-Навистина, рестартиравме и продолжуваме да го надградуваме досега постигнатото. Има континуитет од страна на Министерството за надворешни работи, се надоврзуваме на постигнатото, има позитивизам во односите и дијалогот, рече таа.
Генчовска истакна дека се во директен контакт со министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, а тимот од МНР е во директен контакт на експертско ниво.