Фуштиќ: Во мое време од Детска клиника си заминале двајца лекари специјалисти и еден доктор е на неплатено отсуство

by Fokus

И покрај тоа што во последните неколку години, многу лекари-специјалисти ја напуштија скопската Детска клиника и заминаа на работа во приватните болници и во странство, сепак како секој од директорите што ќе седне на функционерското столче веднаш се е „совршено додека тие владеат со клиниката“.

Па така, после текстот што го објави „Фокус“, за одливот на лекари од клиники во приватниите болници, се најде погодена актуелната директорка на Клиниката за детски болести, доктор Стојка Нацева-Фуштиќ и испрати демант, кој го објавуваме во целост:

ЈЗУ Универзитетската клиниката за детски болести Скопје во целост ги демантира наводите во новинарскиот текст на Ирена Мулачка, објавен од веб порталот fokus.mk на ден 30.04.2023 година, под наслов „Повеќе од 3.000 лекари за една деценија заминаа во странство и приватни болници, Камчев ги собра и докторите од клиники“, како и објавен од веб порталот fokus.mk на ден 02.05.2023 година, под наслов „Ортопедот Виктор Камнар заминува да работи во Систина, уште пет лекари ја наупштиле и Детска клиника “

Неосновани се наводите дека поради нарушени меѓучовечки односи, препукувања и борба за превласт, Универзитетската клиниката за детски болести Скопје е без лекари/професори со што во догледно време може да го изгуби статусот на клиника.

Од ЈЗУ Универзитетската клиниката за детски болести Скопје, под раководство на проф. др Стојка Нацева Фуштиќ, в.д. Медицински директор, доброволно си заминале 2 (двајца) доктори специјалисти, а 1 (еден) доктор специјалист е на 3 (три) месечно неплатено отсуство од работа.

Во текот намесец 04/2023 година и 05/2023 година, ЈЗУ Универзитетската клиниката за детски болести Скопје се стекнува со 5 (пет) нови доктори специјалисти, а заклучно со месец 09/2023 година Детската клиника во Скопје ќе се стекне со уште дополнителни 2 (двајца) доктори специјалисти. Исто така, по одобрување на финансиски средства од страна на Министерството за финансии, до крајот на 2023 година од страна на ЈЗУ Универзитетската клиниката за детски болести Скопје ќе се распише конкурс за вработување на нови 5 (пет) доктори специјалисти.

Универзитетската клиниката за детски болести Скопје е врвна јавна здравствена установа, во која се лекуваат најтешко болните деца во државата. На клиниката се вработени 17 универзитетски професори/доценти и научни соработници, а како експерти – консултанти работат и се ангажирани и пензионираните професори од Детската клиника. На клиниката нема нарушени меѓучовечки односи, а работниот персонал е ставен на располагање целосно во фукнција на пациентите.

Во овој контекст во целост ги демантираме и отфрламе како невистинити и тенденциозни наводите во новинарскиот текст дека Универзитетската клиниката за детски болести Скопје е без лекари/професори со што во догледно време може да го изгуби статусот на клиника.

Со оглед на наведеното, бараме овој демант да биде објавен соодветно и на начин како што е објавен од веб порталот fokus.mk на ден 30.04.2023 година и 02.05.2023 година.

И.М.

Поврзани новости