Првиот човек на една текстилна фабрика во Македонија остварува повисоки примања отколку што заработуваат сите останати 376 вработени. Нивниот просечен месечен доход изнесува 140 евра или 8.500 денари, додека доходот на шефот на компанијата изнесува 73.000 евра месечно, соопштија денеска од Министерството за финансии кои ја објавија анализата за доходовната нееднаквост во Македонија.
Нееднаквоста во платите е голема и во медиумскиот сектор. В едно новинско издавачко претпријатие 466 вработени лани имале просечен доход од 280 евра, а еден вработен – доход од 21.000 евра.
Педесет проценти од луѓето во Македонија што примаат плата имаат доход под 212 евра месечно, а 70% имаат доход под 297 евра месечно. Од друга страна два посто од луѓето имаат доход што е над 1.044 евра, а еден посто од луѓето доход што е над 1.523 евра. 775-те најбогати во држвата во 2016 година заработиле исто толку пари колку и 210.000 најсиромашни жители, констатираа од Министерството.
-Вкупниот доход во Македонија лани бил 3,4 милијарди евра, од овие 470 милиони евра се доход на најбогатите еден отсто од населението. Највисок годишен доход што едно лице остварило лани е 2,6 милиони евра, 15 лица заработиле над милион евра, а 66 лица од најбогатите заработиле над пола милион евра – изјави Бранимир Јовановиќ, советник во кабинетот на министерот за финансии Драган Тевдовски.
Анализата покажа дека најсиромашните доходот најмногу го оствариле од плата и пензија, додека кај најбогатите доходот е остварен од плата, дивиденди и закупнини. Кај најбогатите проиход од пензија нема“, рече Јовановски.
Министерот Драган Тевдовски рече дека оваа анализа, која е правена според податоци од УЈП, ќе се користи при подготовка на даночните реформи, кои се предвидени и во програмата за работа на Владата.