Двајца скопјани нападнале газда на кафеана во Дебат Маало, му се заканувале и му пуштале електрошокови, информираа од МВР.
Според полицијата, вчера околу 21,20 часот во СВР-Скопје, М.В.(59) пријавил дека истиот ден околу 20,30 часот во угостителски објект во Дебар Маало, кој бил негова сопственост, дошлe Љ.С.(33) и Д.С.(23) и физички го нападнале удирајќи го со тупаници во пределот на главата и телото, а потоа почналe да му упатуваат закани. Во еден момент Д.С. почнал да го удира со електрошок и да му пушта струја, нанесувајќи му видливи повреди во вид на црвенило во пределот на целото тело. Истовремено, според пријавата, напаѓачите почнале да кршат чаши и шишиња како и дел од инвентарот во локалот во присуство на гости. Причина за физичкиот напад било несогласување околу плаќање на сметка во локалот.
Од полицијата уште додаваат дека имаат пријава во исто време, односно Љ.С.(33) пријавил во СВР Скопје дека истиот ден околу 20,45 часот пред угостителскиот објект во Дебар Маало бил физички нападнат од страна на Р.М.(29) и А.А.(35), кои што го удирале со клоци и тупаници во пределот на главата. Причина за физичкиот напад бил претходниот настан што се случил во локалот помеѓу Љ.С. и М.В.
Се работи на расчистување на случајот.