По инцидентот со електронските пораки со закани од непознат испраќач до пратениците на ДУИ, се огласи и претседателот на Собранието, Африм Гаши. Тој вели дека најсотро осудува секаков облик на закани, обиди за насилство или поттикнување насилство.
„Пратениците се директно избирани од граѓаните и додека слободата на говор е неприкосновена, таа не смее да ја загрозува слободата на другите. Анонимноста во испраќањето такви пораки или на социјалните мрежи може да му даде на испраќачот чувство на неказнивост, но мора да признаеме дека нашите институции се активни и способни“ вели Гаши.
Тој е уверен дека испраќачот ќе биде идентификуван и соодветно санкциониран. Гаши нагласува дека во демократско општество нема место за закани ниту за вознемирување во било која форма.
Тој ги повикува и охрабрува сите надлежни институции веднаш да постапат во овој случај. Претседателот Гаши нагласува дека сочувствува и ја споделува вознемиреноста на пратениците и нивните семејства. Во моментот кога институциите ќе достават било каква информација за предметниот случај, медиумите ќе бидат веднаш известени од страна на Кабинетот на претседателот.