Претседателот на Собранието Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите рече дека бил обврзан како спикер секаде да се движи со службен автомобил, иако не сакал. За патувањето во Косово, Гаши рече дека уредно бил најавен, но дека, не можел да застане на пасошка контрола и пасошите да ги даде на проверка. Но, не кажа колку лица патувале со него со службените возила и најави дека ќе покрене иницијатива и со Министерството за внатрешни работи да се доуредат одредени пропусти.
„Каде и да одам јас, морам да ги известам припадниците на обезбедувањето кои се блиски до мене. И денеска да отидеме кафе да пиеме, ќе мора да ги известам каде одам, тоа значи и патување приватно, надвор од државата. Практично јас немам веќе приватност, секој од нас е и човек и имаме семејства, треба да се грижиме и за нашите меѓучовечки односи, да не повредиме некого, да ни биде совеста чиста итн. Уредно, сум отишол со најава и сум барал да се почитува закон и процедури. Јас не можам да застанам на пасошка контрола да ги прегледам пасошите“ рече Гаши.
А пак за инцидентот со претседателката на Косово, Вјоса Османи, на скопскиот аеродром, рече дека таа побарала помош од него, по што дал инструкции дека ќе оди на аеродром за да ја смири ситуацијата, а како претходница биле упатени лицата од неговото обезбедување. Откако му се јавиле дека ситуацијата е надмината, Гаши решил да не оди на аеродромот.
„Од морален аспект, јас лично и обезбедувањето во Собранието на аеродромот избегнавме инцидент којшто можеше да има поголеми последици. Се радувам дека се заврши како што треба. Тие луѓе што ги пречекориле своите овластувања МВР ќе постапи како што е законот. Секогаш кога ќе треба да се зближува, да се смирува ситуацијата, ќе настапувам за доброто на граѓаните, да нема конфликти, инциденти и поголеми последици“ рече Гаши.