Гаши: Прашањата за разрешувања или оставки се во надлежност на Комисијата за избори и именувања и пратениците

by Fokus

Претседателот на Собранието Африм Гаши попладнево преку соопштение информира дека неговата улога како претседател завршила со процесот на интерпелација на претседателката на Комисијата за социјална политика Илире Даути.

Како што наведува Гаши, прашањата за разрешувања или оставки се во надлежност на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пратеничките групи или пратениците.

– Како претседател на Собранието, мојата главна одговорност е да го почитувам и спроведувам Деловникот и процедурите на Собранието. Во овој контекст, интерпелацијата до претседателот на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, г-ѓа Илире Даути, беше спроведена во целосна согласност со Деловникот, законите и Уставот. Важно е да се напомене дека интерпелацијата, по својата природа, не носи правни последици или ефекти. Мојата улога како Претседател заврши по завршувањето на процесот на интерпелација, како што се случи во случајот со интерпелацијата поднесена против мене пред неколку месеци. Прашањата како што се разрешувања или оставки се процедури на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пратеничките групи или пратениците – вели Гаши.

Нагласува дека до него досега не е пристигнато официјално известување за оставка од ниту еден претседател на Комисија.

– Од процедурална гледна точка, ова прашање е решено. Секое друго толкување освен ова е едноставно политичка реторика за дневна употреба и нема никаква правна основа, во која јас како претседател на Собранието нема да учествувам – вели Гаши.

Поврзани новости