Гаши: Не се сеќавам дека во програмата на „Вреди“ пишуваше за уставни измени до Нова година

by Fokus

Претседателот на Собранието, Африм Гаши изјави дека процедурата за уставни измени е впишана во Уставот и Деловникот на Собранието. Секој кој ги исполнува условите може да покрене иницијатива.

Според Гаши, парламентарното мнозинство смета дека треба да има политичка волја и договор за кога да почне процедурата, да биде веднаш спроведена.

„Но, ние како парламентарно мнозинство сметаме дека треба да има политичка волја и договор за кога ќе биде почната процедурата, таа да биде и спроведена. Уставни измени се случуваат кога гласаат две третини од нашето Собрание и ние кога ќе сме сигурни дека тоа ќе биде прифатено од мнозинството пратеници, тогаш ќе ја почнеме процедурата. Во друг случај не можеме никому да забраниме, но мислиме дека не е добро да се експериментира со такви постапки“,рече Гаши на денешниот брифинг со новинарите.

На новинарско прашање во однос на предизборното ветување на Вреди за уставни измени до Нова Година, Гаши рече дека не се сеќава дека тоа било напишано во програмата.

„Не знам како да ви одговорам на ова прашање. Не се сеќавам дека тоа беше напишано во програмата, но секако имаше такви изјави. Тоа е комплексно прашање и не зависи од еден политички сегмент и елемент, треба две третини од Собранието да гласаат. Како што знаете, сите пратеници од коалицијата ’Вреди’ стојат зад тоа и ако дојдат на дневен ред, ќе ги гласаме и денеска. Но, мислиме дека треба заеднички да се договориме кога е тоа најдобро за државата, за сите граѓани“ рече Гаши.

Поврзани новости