Претседателот на Алтернатива Африм Гаши денеска имал средба со амбасадорката на САД Анџела Агелер на која и ја претставил иницијативата за поднесување уставен амандман за спречување на неказнивност на политичка корупција.
Како што објави Гаши на својот профил на Фејсбук, оваа иницијатива треба да го надмине етничкиот дискурс и да се фокусира на владеењето на правото како приоритет за целото општество.
-Побарав поддршка од САД за овој амандман, бидејќи тоа е еден од најголемите чекори предложени досега, директно насочени кон борба против политичката корупција, наведува Гаши.
Посочува дека со амбасадорката се согласиле дека ја делат истата визија за иднината на земјата.
-Ја реафирмиравме заедничката заложба земјата да оди напред кон ЕУ и европските стандарди во општеството, како што е владеењето на правото.
Разговаравме за плановите за забрзување на интеграцијата во ЕУ, вклучително и опциите за деблокирање на преговорите со ЕУ, преку уставните измени. Исто така, се согласивме дека сите политички фактори треба да го поддржат патот кон ЕУ и да ги стават граѓаните на прво место, во обид да обезбедат подобра иднина за сите, објави Гаши на својот профил на Фејсбук.