Не постои поважен момент во историјата на една земја од нејзината самостојност, порача претседателот на Собранието Африм Гаши на свечениот прием по повод одбележувањето на 8 Септември – Денот на независноста.
„Затоа, секогаш кога доаѓа 8 септември, се враќа емоцијата на задоволство и гордост што роденденот на оваа земја го одбележуваме во мир, во соживот меѓу различните народи кои живеат во оваа земја, во добрососедски односи и во сигурни патишта кон подобра развојна и евроатлантска перспектива.
Јас сум свесен дека изградбата на оваа заедничка држава не била лесна работа и секогаш подеднакво прифатена. Сме имале периоди кога некој од нас имал поинаква перцепција и различни очекувања, сме имале моменти кога некој од нас мислел дека заслужува повеќе, а добивал помалку, сме имале моменти кога сме биле разочарани и сме рекле дека не вреди, но сепак сме нашле сила, сме нашле решенија и сме создавале можности да продолжиме понатаму.
Затоа, денес, кога ја одбележуваме оваа годишнина од нашето државјанство, можам да ви тврдам дека пред нас се отвора нова развојна перспектива, која доаѓа со новата генерација на политичари и јас сум силно убеден дека тоа ќе резултира со многустран успех. Впрочем, за да не бидеме неблагодарни, морам да кажам дека секој има своја заслуга и секој има свој придонес за овие достигнувања и не треба да бидеме ниту нихилисти, ниту дефетисти.
Како и да е, Северна Македонија во својот 33-ти роденден е земја-членка на најмоќната безбедносна алијанса, како што е НАТО, со што се гарантира мирот на нејзините граници, што е исклучително важно за секој друг проект, додека е на добар пат да се приклучи и на најуспешната унија на демократија, мир, човекови права и благосостојба, како што е Европската унија.
Ова е повод како граѓани на оваа држава, а уште повеќе како политичари на оваа земја, денес да направиме една ретроспектива на она што сме го сториле, што сме можеле да го сториме и што можеме да го сториме, секогаш во духот на тоа што го рекол Џон Кенеди: „Не прашувај се што сторил твојата татковина за тебе, туку прашувај се што си сторил ти за твојата татковина“.
Ви благодарам и честит 8-ми септември на независна, самостојна и суверена Република Северна Македонија!