Откако Алијанса за Албанците вчера упати прашање до Алтернатива дали нивниот договор за соработка се уште важи, со оглед дека преговараат за влез во владата на СДСМ и ДУИ, реагираше Алтернатива.
„Бидејќи веќе поминавме два изборни циклуси во коалиција со Алијансата за Албанците, нашиот договор за соработка всушност е потрошен. Сепак, останува отворена можноста оваа соработка да продолжи и на следните избори кога и да се одржат“, велат од Алтернатива.
Во соопштението се додава дека Алтернатива не ја доживува Алијанса за Албанците како спротивставена страна.
„Но, за нас не е добар начин на комуникација да пресметуваме кој со кого и колкупати се сретнал, бидејќи така ќе станеме непотребни должници“, истакнуваат од партијата на Африм Гаши.
Инаку, вчера партијата на Зијадин Села побара Алтернaтива да одговори дали е валиден или не договорот потпишан меѓу двете партии.