Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши во интервју за „Локално“ вели дека неговите информации се дека уставните измени нема да поминат, бидејќи самиот начин на кој е донесен предлогот во Собрание зборува за тоа дека на владеачкото мнозинство не му е умот во тоа дали ќе поминат уставните измени, туку да ја стави опозицијата на искушение и тоа да има влијание врз наредниот изборен резултат.
За здружувањето на албанската опозиција во еден заеднички блок, Гаши вели дека мора да се воздигнат над личните, партиски и други интереси и да се обединат не само за уривање на корумпираната ДУИ, бидејќи како што истакнува, тоа веќе станува најмалиот проблем, туку за спасување на иднината на децата и младите, кои чекаат од нив обединување, одлучност и политичка понуда.
-Идентитетот на секој народ може да се загрози само од припадниците на тој идентитет. Со „францускиот предлог“ ниту се загрозува, ниту се засилува македонскиот идентитет. Македонците се посебен народ, со свој јазик, свое писмо и култура независно од тоа како тоа се перципира од другите. Јас мислам дека нема потреба за никакви декларации, бидејќи таквиот начин на однесување покажува инфериорност и слабост, оценува претседателот на Алтернатива за поднесената Декларација на СДСМ до Собранието во однос на Илинден.