Мои главни приоритети ќе бидат да ја структуирам партијата на сите нивоа, да формирам тим што ќе работи на создавање на економска програма и да го подигнам нивото на политичка култура преку комуникација со другите партии, вели за Фокус Африм Гаши, откако беше избран за лидер на вчерашниот конгрес на БЕСА.
-Исто така, ќе видиме дали можеме да се вклучиме и да помогнеме во надминување на спорот за името со Грција, бидејќи интеграцијата во НАТО и во ЕУ е меѓу нашите приоритети – изјави Гаши.
Тој очекува судот да пресуди дека се легални претставници на БЕСА, бидејќи вчерашниот конгрес во Тетово, според него, бил организиран согласно партискиот статут, со поддршка од најголем број од партиските функционери и членови.
-Во моментов БЕСА има 5 пратеници и така ќе остане се додека некој од нив не се изјасни поинаку – вели Гаши во однос на можноста заедно со пратениците Неџбедин Каремани и Реџеп Мемеди да формираат нова пратеничка група со пратеници од ДПА или АА.
Инаку, другото крило во БЕСА предводено од Биљал Касами, на чија страна, пак, се пратениците Фадиљ Зендели и Теута Биљали, закажа конгрес на 24 февруари во Скопје.
В.С.