Претседателот на Собранието Африм Гаши, по однос на поднесената интерпелација за неговата работа, рече дека демократијата е можност да се ислушаат спротивставените мислења, но „ова не е интерпелација против Африм Гаши, туку против верската припадност на претседателот на Собранието“.
– Парламентот е место каде треба да има отчет, а граѓаните го даваат последниот суд. Како човек сум отворен и не кријам ништо и од никого, туку сакам отворен пристап за сите прашања. Затоа јавно поставувам прашање, на кого му служи оваа интерпелација и за каква цел. Сигурен сум дека одговорот на овие прашања ја дава суштината на оваа интерпелација. Левица е партија којашто идеолошки треба да го обединува и храни народот со теоријата за еднаквост, но за жал во реалноста таа е партија што многу често се профилира екстремно десно со своите ставови – против нашата евроатлантска интеграција, нашата посветеност за добрососедски односи и нашата посветеност за меѓуетничка хармонија. Многу е лошо кога се игра на картата на национализмот, за осудување на другиот без да се слушне другата страна. Не е потребно длабоко разбирање на политиката за да се види дека тие што се против нашиот европскиот пат и ја загрозуваат нашата внатрешната етничка кохезија дека тие работата против постоењето на нашата држава, изјави Гаши.
Иако интерпелацијата изгледа правно формулирана, според Гаши, таа е чисто политички мотивирана и самиот текст е преполн со исламофобијата и албанофобија.
– Ова не е интерпелација против Африм Гаши, туку против верската припадност на претседателот на Собранието. Ова не е интерпелација кон пречекорување на овластувањата на претседателот на Собранието во однос на безбедноста, туку против добрососедските односи и заложби за повлекување на признавањето на Косово, ова не е интерпелација за наводната повреда на Законот за јазиците, туку поради фобијата против албанскиот јазик и етничката припадност на претседателот. Ова не е интерпелација кон знамето на ЕУ и НАТО, туку интерпелација кон нашата стратешка цел, изјави Гаши.
За него, како што посочи, е најважно да остане со чист образ и чиста душа.
– Јас нема да реплицирам и дебатирам. Ќе се повлечам и нема да ја водам седницата. Би сакал без никаков притисок да одлучите, како што мислите дека е најдобро за државата, изјави Гаши.
Пратеникот и лидер на „Левица“ – Димитар Апасиев, образложувајќи ги причините за поднесената интерпелација, рече дека ја темелеле на седум точки.
Според него, таа се заснова на направена повреда на начелото на секуларност – со верскиот обред на исламската заедница во Собранието, на дипломатските правила за обезбедување на ВИП личности – со инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка, на употребата на македонскиот јазик – при давањето на свечената изјава, на правилата за употреба на државното знаме, грб и химна, на начелото на инкомпатибилност на функциите – со неконстатирање на престанок на мандат на пратеникот Талат Џафери, на законските и етичките одредби за антинепотизам – присуството на сопругата на Гаши во државната делегација во Вашингтон и за повреда на деловничките одредби за нормална работа на пратениците.