Претседателот на Собранието Талат Џафери на денешната средба со новинарите рече дека не се подготвува за предвремени избори, потсетувајќи ја притоа опозицијата дека за тоа се потребни претходни подготовки имајќи предвид дека сто дена пред вакви избори е потребно формирање техничка Влада.
Џафери рече исто така дека е преурането да ги коментира најавите за уставни измени и за референдум во врска со европскиот предлог.
-Нема материјал за да се изјаснам. Опозицијата хипотетички прави ситуација, истакна претседателот на Собранието.
Во врска со актуелните случувања во Парламернтот со немањето кворум и активната блокада од ВМРО-ДПМНЕ, Џафери беше дециден дека пратениците треба да си ја заработат платата и да бидат во салата, а дека проблемите во владејачката коалиција треба да се решаваат политички, а не со неприсуство и негласање на законите.
-Не е прашањето на еден субјект, туку еден па друг субјект. Ако односите во извршната власт имаат проблем поради политичките договори, треба таму да ги решаваат. Мене политички договори не ме интересираат. Овде сме дојдени за гласање на закони, рече Џафери.
На средбата со лидерите на парламентарното мнозинство не присуствувале Африм Гаши од Алтернатива и Павле Трајанов од ДС.
-Има две решенија или ќе бидеш присутен или ќе го распуштиш Собранието или направи друго мнозинство. Должни се да присуствуваат на седница, истакна тој. Грешат ако сметаат дека Собранието, како што потенцира, е точката каде што ќе поставуваат ултиматум. Не ме условуваат мене, туку граѓаните, рече претседателот на Собранието.