Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива соопшти дека нивни претставници немале ниту една официјална средба и ниту друга средба на тема за учество во новата влада и дека нема да преговараат додека ДУИ не го исцрпи правото да биде дел од идната влада односно да стане опозиција. За нив ДУИ е легален, но нелегитимен победник на изборите кај партиите на Албанците.
-Иако ние сме легитимни победници на изборите на 15 јули во албанскиот политички камп, ние нема да влеземе во преговори, се додека ДУИ не го исполни предизборното ветување за премиер да биде Насер Зибери. Дури, како што кажавме, ако во Собранието дојде предлог Насер Зибери да биде премиер, ние со нашите 12 пратеници ќе гласаме за него. Но, ако ДУИ не успее да го реализира ова ветување, за што има легалитет, таа партија нема право да биде дел од идната влада и нејзиното место е во опозиција, истакна на прес-конференцијата Скендер Зеид Реџепи, генерален секретар на Алтернатива.
Одговарајќи на новинарски прашања, тој рече дека тие очекуваат ДУИ да остане на предлогот за премиер Албанец во следните четири години, колку што трае мандатот, и дека доколку тие бидат вклучени во разговори за формирање Влада, нема да бараат премиер Албанец.
Во однос на тркалезната маса што ја организираше ДУИ, а на која не присуствуваа лидерите на овие две партии, Зеид Реџепи рече дека тие позитивно одговориле на поканата, но побарале средбата да се одложи за неколку дена и да се одреди дневен ред. Датумот не бил пролонгиран, така што според него, целта на оваа покана била тие да не учествуваат и средбата да не се одржи.
-Како и да е, без оглед на ова ние посакуваме Тркалезната маса на парламентарните албански партии да продолжи, како инструмент за координација на албанските ставови во Република Северна Македонија, и во иднина да се надминат овие пречки, изјави генералниот секретар.