Очекувам во следните години земјите од нашиот регион уште повеќе да соработуваат меѓу себе и преку размена на искуства и мислења да придонесaт за унапредување на регионот кој има поставено крајна цел, а тоа е целосна интеграција на регионот во Европската унија рече претседателот на Собранието, Африм Гаши на 11. Пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
„Сепак, од 1996 година, од кога постои овој Процес за соработка, по изминати 28 години, може да се констатира дека заедничките заложби дале конкретни резултати – односно некои учеснички станаа полноправни членки, други започнаа преговори за членство, а трети се кандидати или имаат поднесено апликација за членство.
Упатувам апел до Вас почитувани колеги, кои сте истовремено и членки на Европската Унија, да бидете главните промотори на процесот на проширување и интеграција на целиот регион на ПСЈИЕ со подобрување на процесот на пристапување, за истиот да стане поефективен, предвидлив, веродостоен и опиплив. Затоа што, како последица на предолгото чекање пред вратите на ЕУ, се нарушува и кредибилноста на ЕУ, меѓутоа спласнува и поддршката за интегрирање во ЕУ кај граѓаните“ рече Гаши.
Тој додаде дека и покрај напорите, постои забавување на регионалната соработка и европската интеграција.
„Мислам дека мора посериозно дека пристапиме кон спроведување на реформските процеси во нашите земји, како што се борбата против корупцијата, реформа во правосудниот систем, поголемо енергетско и инфраструктурно поврзување и развивање на стратегии за задржување на младите луѓе во нашиот регион“ нагласи тој.
Според Гаши, единствениот пат кон побрзо економско унапредување на регионот е регионалниот пазар, односно земјите од Југоисточна Европа да станат важен дел од глобалните синџири на производство.
„Во таа насока, сите ние треба да работиме на креирање на конзистентни економски политики. Верувам дека добрите економски односи во регионот мора да бидат придружувани со добри политички односи, затоа што само на тој начин регионот ќе напредува.
Не смееме да заборавиме дека Европа, од која и ние сме дел, поминува низ најголемата безбедносна криза после Втората светска војна и дека руската агресија врз Украина е закана за европскиот и светскиот мир и стабилност. Сите ние, во согласност со нашите можности и капацитети, мора да ѝ помогнеме на Украина во одбрана на својата територија бидејќи само на тој начин градиме просперитетен, безбеден и демократски европски контитент.
За регионот да соработува подобро и поефикасно сите ние мора да градиме регионална поврзаност меѓу сите останати процеси, како што е Берлинскиот процес, кои може да ни помогнат да го одржиме и унапредиме развојот на нашите земји. Сепак најдобар начин за напредување е отпочнување на преговорите со Европската унија, со цел интеграција на целиот регион. Очекувам проширувањето на ЕУ да продолжи, бидејќи тоа е инвестиција во мирот, просперитетот и стабилноста на Европа“ порача Гаши.