Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши, демантира какво била вмешаност на членови на неговото лично обезбедување во денешниот инцидент на скопскиот аеродром.
-Наспроти овие информации, членовите на безбедносниот тим на претседателот на Собранието Гаши биле присутни само за да се смири ситуацијата настаната од недоразбирањето меѓу обезбедувањето на претседателката на Република Косово, Вјоса Османи, и припадниците на аеродромското обезбедување. Обезбедувањето на претседателот Гаши, кои се вработени во МВР, интервенирале да ја смират ситуацијата и да им помагаат на нивните колеги за спроведување на безбедносните постапки при посета на ВИП личности.
Притоа потенцираме дека секое известување кое го сугерира спротивното е тенденциозно. Исто така ги повикуваме и медиумите кои известуваат за овој настан да ги проверат тие информации пред да објават вакви тврдења и да постапат со професионална и етичка одговорност, велат од Кабинетот на Гаши.
ТАВ Македонија за инцидентот со обезбедувањето на Гаши: Авијациската безбедност не беше загрозена
Гаши всушност ја демантира официјалната информација од МВР, во која се вели дека член на неговото обезбедување, полициски службеник, заедно со уште двајца полициски службеници почнал да се заканува на вработените во ТАВ и да бара кој од нив и направил проблем на претседателката на Косово, Вјоса Османи која не сакала телефонот и рачниот багаж да и поминат на скенер.
-При тоа турнал и полициски службеник вработен на граничниот премин. Веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и во координација со ОЈО за ГОКК се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, соопштија од МВР.