Музичарот Васил Гарванлиев, кој периодов престојува во Чикаго, Америка, каде работи на својот албум на англиски јазик, се вери со својот партнер.
Не крие дека е премногу среќен, дури и изненаден од запросувањето со прстен, и за ,,Фокус” открива дека живее како во бајка.
-Секогаш верував во љубовта, во нејзината моќ да победи во секоја една ситуација. Трпелива личност сум, тоа што е мое, си дојде. Се верив со мојот партнер, чувствата ми се помешани. Среќа, неверување, но истовремено и мир во душата – раскажува струмичанецот, кој беше наш евровизиски претставник минатата година.
Вели дека се уште е премногу возбуден од убавите настани на приватно поле, но со тек на време ќе открие повеќе детали околу тоа кој е мистериозниот свршеник, дали е по потекло од Македонија или странство, дали исто и тој е дел од музичкиот свет.
-Се во свое време, моментално работам на мојот албум на англиски јазик, ќе дојде ред да раскажам и за приватниот живот. Среќен сум, го најдов својот мир – ни изјави Гарванлиев.
Тој е еден од ретките во земјава кој јавно проговори за својата сексуална определба уште пред една година. Неговата искрена исповед наиде на поддршка од дел од јавноста, но и на осуда и голема хомофобија од одредени групи на граѓани. Уште тогаш порача дека е свесен за предрасудите, но љубовта секогаш му била водилка во животот.
Вики Клинчарова