Гаревски: Вчерашниот земјотрес беше главниот удар, мали се шансите за посилен земјотрес

by fokus

Охридскиот земјотрес од пет степени според Рихтер, наликува на главен удар по серијата помали потреси во овој регион – вели Михаил Гаревски, директор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.

Гаревски смирува, вели не треба да се очекува посилен земјотрес, но сепак тоа не може да се предвиди. Како што вели тој, во овој регион се случувале земјотреси со јачина од 6 или 6,5 степени, но тие се јавуваат меѓу 500 и 700 години.

„Ако се тргне од веројатноста дека такви земјотреси се случуваат на многу подолго време иако и пет степени не е малку за тој регион, тогаш би требало да се претпостави дека не би требало да се очекува некој посилен земјотрес, но сигурно е дека ќе има уште афтер шокови кои најверојатно и веќе ги има“, додава директорот на ИЗИИС.

Надлежните не очекуваат поголеми штети по земјотресот во Охридскиот регион. Сите објекти од поновите градби можат да издржат земјотрес од пет, па и шест степени. Сепак сеизмолозите апелираат да се внимава на старите градби кои се најризични и да се забрани нивна надградба.

 

Поврзани новости