Десетици илјади луѓе се собраа во саботата на петтиот антивладин протест во последните недели во главниот град на Србија, Белград, по двете последователни пукања во кои загинаа 18 лица, од кои половината беа деца, пишува „Гардијан“.
Протестите „Србија против насилството“ се претворија во едни од најголемите собири откако пред повеќе од две децении масовните демонстрации го соборија моќниот, Слободан Милошевиќ.
Тие следат по масовните пукања на почетокот на мај во кое загинаа 18 лица, а неколку беа ранети. Девет од загинатите се ученици на основно училиште во Белград, кои беа убиени од 13-годишен ученик. Еден ден подоцна, 21-годишен маж уби осум лица недалеку од Белград, што предизвика длабоко незадоволство и протести.
Демонстрациите се претворија во зовриен гнев кон владејачката партија поради, како што велат демонстрантите, култура на насилство поттикната од владата и медиумите што ги контролира.
-Тука сум за сите нас, особено за моите деца. Значи, тие не мора да протестираат, туку да работат и да живеат во својата земја како што треба, изјави 33-годишната математичарка Бојана Поповиќ за Франс прес за време на митингот.
Протестот оваа недела, организиран од неколку проевропски опозициски партии, првично беше планиран за петок, но беше преместен како мерка на претпазливост откако екстремно десничарските групи најавија дека ќе се појават.
Демонстрантите, исто така, бараат од владата да ги одземе дозволите за емитување на телевизиските канали кои промовираат насилни содржини и да ги забранат провладините весници кои поттикнуваат тензии таргетирајќи ги политичките неистомисленици.
Тие бараат и оставка од министерот за внатрешни работи и првиот човек на разузнавачката служба.
Протестите првично беа тивки, но се трансформираа во целосен антивладин протест откако нивните барања наидоа на жестоки реплики од претседателот и неговите сојузници, кои ги исмеваа собирите и ги навредуваа учесниците.
Со години, критичарите го обвинуваат српскиот претседател Александар Вучиќ дека се повеќе се потпира на автократски мерки за да ја држи опозицијата во неред, а медиумите и државните институции под контрола.
Вучиќ ги отфрли протестите како „политички“ трик и промовираше теории на заговор за странските сили кои наводно ги организирале собирите.
53-годишниот популистички лидер отфрли и некои од барањата на опозицијата за преодна влада пред новите избори, велејќи дека тоа нема да се случи „додека сум жив“.