Британскиот дневен весник Гардијан пишува за новонастанатата ситуација во Македонија и го нарекува клучен момент по стабилоста денешното гласање на пратениците во Собранието, со што или ќе се донесе одлука за отворање на уставни измени или ќе се распишат предвремени парламентарни избори.
Во целост статијата на Гардијан:
Во гласањето со последици по стабилноста на еден од најконтроверзните региони во Европа, пратениците во Македонија треба да одлучат дали ќе прифатат промена на името на таа балканска држава.
Премиерот на земјата Зоран Заев, е ставен во битка за обезбедување на потребната поддршка, а не е познато како ќе гласаат пратениците.
– Ќе биде одлучувачки за него, изјави Бранко Героски, истакнат политички коментатор, зборувајќи од главниот град на таа поранешна југословенска република. – Или ќе добие двотретинско мнозинство потребно за ратификување на Договорот од Преспа со Грција или ќе закаже предвремени избори.
Влогот не може да биде поголем. Ако пратениците на стратешката држава се согласат со преименување во Северна Македонија, се приближуваат до членство во НАТО и ЕУ. И двете организации се сметаат за витални за земјата каде во 2001 година беше спречен поголем конфликт меѓу македонските Словени и албанското малцинство,
Заев ја вложи својата иднина во договорот за промена на името постигнат со Атина на почетокот од оваа година. Откако републиката прогласи независност пред 27 години, Грција тврди дека името на соседната земја крие територијални амбиции против нејзината провинција Македонија.
Лидерот на социјалдемократите се соочува со огромно противење од силниот националистички фронт и има потреба од 80 гласови во Парламентот составен од 120 места, но неговата двопартиска коалиција има поддршка од само 72 пратеници.
Парламентарците денеска ќе бидат прашани дали се согласуваат со предлогот за измени на Уставот на републиката кои произлегуваат од договорот за името.
– Дури и ако сега има доволен број пратеници кои ќе го сторат тоа, нема гаранции дека ќе гласаат за поддршка на амандманите што ќе следат, рече Героски. – Тоа ќе биде компликуван и многу ризичен процес.
Заев рече дека ќе распише предвремени избори ако не го ратификува договорот откако мнозинството од гласачите го бојкотираа референдумот за ова прашање пред две недели. Иако над 90 отсто од оние што гласаа со ентузијазам го одобрија договорот, слабиот одѕив ја наруши способноста на Заев да добие поддршка за договорот.
Резултатот од референдумот во Македонија е уште една победа за Русија
Изгледите на малата земја да биде втурната во политичко превирање се зголемија со оглед на тоа дека десничарските политичари од опозицијата не веруваат во веројатноста Заев да ја обезбеди неопходната поддршка на пратениците. – Нема да има двотретинско мнозинство, нека не се надеваат на тоа, изјави минатата недела пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Трајко Вељановски.
Гласањето во Скопје се следи нервозно во Атина, кадешто грчкиот премиер Алексис Ципрас, исто така, се соочуваше со протести поради договорот, особено од неговиот помлад партнер во Кабинетот, националистичката партија „Независни Грци“. Грција, исто така, мора да го ратификува договорот ако биде усвоен од Парламентот на нејзиниот сосед.
Пред изјаснувањето на пратениците, Заев рече дека гласањето претставува историска можност за поранешната комунистичка земја да биде прифатена од Западот. Руското мешање во регионот драматично се зголеми и Москва е обвинета за организирање на добро оркестрирана кампања за дезинформација преку социјалните медиуми пред референдумот.
– Оваа шанса нема да се повтори, рече Заев, повикувајќи ги пратениците од опозицијата да гласаат одговорно.
Ципрас и Заев беа поздравени од комесарот за надворешни работи на ЕУ за време на викендот за храброста што ја покажаа со цел ставање крај на спорот и поради постигнатиот договор за името.
– Ова е единствена можност за помирување во југоисточна Европа … можност што можеби нема да дојде повторно во скоро време, рече Федерика Могерини.