Гаранции од Брисел против ретуширање на македонскиот јазик, историја, посебност и ингеренции

by Fokus

Општествено политичкиот врв треба заедно со македонскиот народ да застане во барање на тие гаранции, како заеднички државен семакедонски документ. Ковачевски и СДСМ, ако се искрени во намерите, би требало оваа подадена рака да ја прифатат. Заради Македонија

Пишува Наум СТОИЛКОВСКИ

Една слика вреди 1.000 зборови, но јас тука немам толку, можеби трипати помалку, за да им доловам на оние што сакаат да го претстават отсекувањето на Димитар Ковачевски од заедничката фотографија од страна на Софија. Таа техника за невербална комуникација е меѓу најстарите за да се доловат и опишат односите.

Од македонско-бугарски аспект, тргањето на Ковачевски не може да се гледа подалеку од перспектива на ретуширање на историските релации на Балканот со злоупотреби на европските интеграции на Македонија.

Фотографијата што барем за еден ден намерно беше претставена како блискост и затоплување на односите во Македонија, како и „потпората за тоа“ во ликот на Блинкен помеѓу двајца премиери, веднаш е ретуширана за бугарските потреби. И тоа е пораката од Петков со отсекувањето на Ковачевски.

Оттука со право мора да се бара сериозно објаснување и македонската дипломатија, ако воопшто може да се нарече така, не смее да се подава на бугарската приказна за „ненамерност“, затоа што „ненамерност“ во дипломатијата не постои.

Сето ова е само продолжување на Заевиот тренд на двојни пораки – една за дома една за Бугарија, почната уште со оние интервјуа на Заев за „сичките едно“, „сшти език“ и за „обшта историја“.

РЕТУШИРАЊЕ

Ретуширањето на Таче не е проблем само за СДСМ. Македонски премиер е еднократно употребен од Петков за пред Блинкен за потоа да биде исфрлен. Веќе не е важно ништо за што е разговарано или дали воопшто нешто било ветено. Тоа е отфрлено. Не се случило, според Софија. Ретуширано е, онака како што се инсистира да се ретушира бугарската окупација врз Македонија.

Јасно е дека софискиот државнополитички став е единствен и изразен преку двата документи и со кои се бара целосно ретуширање на историјата на Балканот. И јасно е дека интеграциите се злоупотребуваат за таа намера пред европскиот и светскиот молк.

Ретуширањето јасно укажува дека со барање за интервенција во македонскиот Устав, всушност има сериозна заднина, а тоа е интервенција за бришење на македонската посебност. Се бара од нас самите да ја ретушираме историјата и да се впишеме во историјата како Бугари со јазик што бил бугарски, дали дијалект или како и да го нарекуваат.

Да го избришеме делот со окупаторите, но и дека македонската вековна борба и нејзините носители, илинденците, всушност се бугарски, а дека потоа насила со „декрет“ сме биле одвоени од Бугарите.

ГАРАНЦИИ

Повеќе од потребни се сега гаранции од Брисел за македонскиот јазик, гаранции за македонска посебност, историја, за вековна традиција, култура, обичаи и гаранција дека никогаш, повеќе никој нема за вакви глупости Македонија да ја попречува да биде земја-членка на ЕУ.

Општествено-политичкиот врв треба заедно со македонскиот народ да застане во барање на тие гаранции, како заеднички државен семакедонски документ. Ковачевски и СДСМ ако се искрени во намерите би требало оваа подадена рака да ја прифатат. Заради Македонија.

Македонија и нејзината иднина и историја не смее да се сведе на оние познати реплики од Заев дека „Македонија ги затворила проблемите“ дека „никој повеќе нѐ не негира“, оние небулози за „личната карта“ и што сѐ не беше кажано. А сѐ досега, вклучително и оние бегања на СДСМ, но и изјавите дека било што поврзано со Гоце Делчев е „ретроградно“ и „назад“, водат кон друг заклучок.

Бугарите, со два целосно антимакедонски документи, како и со снопче пресуди од ЕСЧП, бараат гаранции од Брисел! Нема веќе место за вртење глава. Има доволно и причини и оправдани стравувања од натамошни ретуширања, и во Македонија и во Брисел, за сите да застанат зад гаранции за македонскиот јазик, историја, посебност и интеграции.

Поврзани новости