Ганиу: Ситуацијата во Чаир е под контрола, населението демонстрираше одговорност!

by Fokus

Чаир, Сарај и Гази Баба се трите општини од Скопје во кои бројот на заразени од корона вирусот во последниот период расте. Најмногу од нив беа поврзани со ифтарските вечери за изминатиот празник Рамазан Бајрам.

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу во разговор за „Фокус“ истакна дека ситуацијата во неговата општина е под целосна контрола.

„Како градоначалник на Општина Чаир, јас сум во постојана координација со Централниот кризен штаб и заедно со членовите на општинскиот кризен штаб постојано ја следиме и менаџираме ситуацијата согласно препораките на Комисијата за заразни болести и Владата на Република Северна Македонија. Официјална информација за наводното неконтролирано зголемување на бројот на заразени на територија на Општина Чаир не поседуваме и сметам дека ситуацијата е под целосна контрола“, вели Ганиу.

За време на полицискиот час изминатиот викенд, кога беше и празникот Рамазан Бајрам, низ територијата на Чаир беа забележани големи непочитувања на истиот, при што јавноста бурно реагираше.

„Како во сите други општини, исто и на територија на Општина Чаир се забележани одредени случаи на прекршување на мерката на полицискиот час, кои никако не смеат да се генерализираат и да се искористат за да ја оцрнат покажаната свест на најголемиот дел од населението во нашата општина, кое демонстрира одговорност пред се кон нивните членови на семејството“, додаде Ганиу.

И покрај тоа што од денеска се укина полицискиот час, тој додаде дека ги советува неговите сограѓани да ги почитуваат препораките и да водат грижа за здравјето.

Од друга страна, што се однесува до одлуките за посетување на верските објекти за време на најголемите верски празници, Ганиу истакна дека за тоа треба да одговорат раководствата на верските заедници и Владата.

Заклучно до 22 мај, од вкупниот број на заразени од Ковид 19 во Скопје, дури 390 заболени граѓани се од шест скопски општини и тоа 98 се од Аеродром, 70 од Карпош, 63 од Чаир, 41 од Сарај, 84 од Гази Баба и 34 од Бутел.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости