Гани побегнал од Авганистан, течат преговори со талибанците

by fokus

Авганистанскиот претседател Ашраф Гани ја напуштил земјата, додека талибанските милитанти влегоа во Кабул, единствениот голем град што беше во рацете на владата.

Абдула Абдула, шеф на авганистанскиот национален совет за помирување, преку видео порака на фејсбук потврди дека претседателот Гани ја напуштил земјата, претпоставувајќи се дека отишол во соседен Таџикистан.

„Го напушти Авганистан во тежок момент“, рече Абдула, ословувајќи го Гани како „поранешен претседател“, иако тој не ја објави својата оставка.

Портпаролот на милитантната група, пак, соопшти дека талибанците им наредиле на своите борци да влезат во градот за да спречат грабежи откако локалната полиција ги напуштила нивните места.

Тој соопшти дека се во преговори со владата за мирно предавање на Кабул откако претходно ветија дека нема да го заземат главниот град на земјата на сила.

Вршителот на должноста министер за внатрешни работи Абдул Сатар Мирзаквал изјави дека армијата ја задржала контролата врз градот и дека власта ќе биде предадена на привремена трета страна.

Британија, Германија, Италија и други европски земји ги забрзаа напорите за евакуација на дипломатите и другите вработени во амбасадите, а претставникот на руското Министерство за надворешни работи, Замир Кабулов, рече дека Москва нема такви планови.

Кабулов за руските новински агенции изјави дека е „во директен контакт“ со амбасадорот на Москва во Кабул и дека вработените во амбасадата продолжуваат да работат „мирно“.

Руските власти соопштија и дека работат со други земји за одржување итен состанок на Советот за безбедност на ОН за Авганистан.

Естонија и Норвешка, исто така, побараа состанок за Авганистан што е можно поскоро.

Во меѓувреме, НАТО соопшти дека „помага да се одржат операциите на аеродромот во Кабул за да се задржи Авганистан поврзан со светот“.

Поврзани новости